Францускиот претседател Емануел Макрон му даде на својот поранешен премиер Себастијан Лекорну рок од 48 часа да преговара со политичките партии во Франција, како последен обид да спречи земјата да западне во подлабока криза.
Лекорну неочекувано поднесе оставка вчераутро, обвинувајќи ги непопустливите и спротивставени политички групи, вклучувајќи ја и центристичката малцинска група на Макрон, за неуспехот да се договорат околу новиот состав на владата, кој беше објавен во неделата вечер.
Според соопштението од кабинетот на претседателот, доцна во понеделникот Макрон му ја доверил на Лекорну „одговорноста да ги спроведе последните преговори до среда вечер, со цел да се дефинира платформа за дејствување и стабилност на земјата“.
Прочитај повеќе
Пад на француските берзи, еврото слабее по оставката на Лекорну
Француските пазари потонаа, а еврото ослабе откако премиерот Себастијан Лекорну поднесе оставка, продлабочувајќи ја политичката криза во земјата. Франција е сè поблиску до нови избори.
06.10.2025
Лагард: Претседателството на Франција е „ужасна работа“ – не е за мене
Кристин Лагард јавно ги отфрли шпекулациите дека по заминувањето од Европската централна банка ќе се кандидира за претседател на Франција, велејќи дека тоа е „ужасна работа“.
06.10.2025
Инфлацијата во Франција забрзува, но е далеку од нивото на ЕЦБ
Инфлацијата во Франција порасна на 1,1 отсто во септември поради услугите и енергентите, но останува ниска, во сенка на политичката криза и јавниот долг.
30.09.2025
Франција ги таргетира богатите за излез од политичката криза
Франција влегува во жестока дебата за воведување данок на богатство, премиерот Лекорну се соочува со притисоци и од јавноста за да најде решение за најголемиот дефицит во еврозоната.
30.09.2025
Пикети: Данок на богатство од 2 отсто е „апсолутен минимум“ за Франција
Францускиот економист Томас Пикети вели дека данок на богатство од 2 отсто е неопходен, но недоволен за справување со јавниот долг и буџетскиот дефицит.
23.09.2025
Додека францускиот пазар стагнира, еден стартап годинава порасна за 500 проценти
Иако Франција годинава е една од најслабите алки во Европа, еден од впечатливите исклучоци е француска компанија што се појави како апсолутен победник.
15.09.2025
Одлуката да му се даде уште една шанса на Лекорну да најде излез од политичкиот ќор-сокак на Франција му обезбедува малку повеќе време на Макрон да ги осмисли следните чекори, кои би можеле да вклучуваат и распишување нови парламентарни избори, кои ги бараат опозициските групи. Не е јасно што ќе преземе Макрон по истекот на рокот в среда.
Низата француски влади се борат да ја задржат власта откако несреќниот потег на Макрон со предвремени избори минатата година дополнително ја ослабна неговата центристичка група и го подели францускиот парламент на непомирливи блокови.
Пратениците во Долниот дом ја принудија оставката на двајца претходни премиери Мишел Барние и Франсоа Бајру поради буџетските планови и се подготвуваа да го сторат истото тоа и со Лекорну уште оваа недела.
Политичкиот ќор-сокак веќе ги осуети обидите за ограничување на сè поголемиот буџетски дефицит, најголем во еврозоната, што поттикна распродажби на француски хартии од вредност и ги зголеми трошоците за задолжување на земјата во однос на другите членки.
Најновиот колапс значи дека владата тешко ќе го исполни рокот за поднесување на буџетот до 13 октомври, поради што веројатно ќе бидат потребни итни мерки за да се избегне блокада на државното финансирање во јануари.
Француските обврзници во немилост
Премијата на приносот на француските обврзници скокна на највисоко ниво годинава, по оставката на премиерот Лекорну
Bloomberg
Премијата на приносот на француските обврзници во однос на германските 10-годишни обврзници во понеделникот се искачи на околу 85 базични поени – највисоко ниво од почетокот на јануари. Во пролетта 2024 година, пред Макрон да распише избори, разликата изнесуваше само 43 базични поени.
„По барање од претседателот на Републиката, се согласив да водам последни разговори со политичките сили во интерес на стабилноста на земјата“, напиша Лекорну на социјалните мрежи. „В среда вечер ќе го известам шефот на државата дали тоа е можно или не, за тој да може да ги донесе сите потребни заклучоци.“
Политичките набљудувачи сметаат дека шансите Макрон да избегне нови парламентарни избори се сè помали. Според Антонио Фатас, професор по економија на бизнис-училиштето ИНСЕАД (INSEAD), одлуката во неделата да се назначи кабинет составен речиси целосно со истите министри како претходниот била „погубна“, бидејќи ги разгневила сите страни.
„Тој е притиснат во ќош“, вели Фатас. „Не можам да замислам каква било комбинација на поддршка, со оглед на малата подготвеност што ја покажа Макрон за компромис.“
Намалени кредитни рејтинзи
Од назначувањето на Лекорну минатиот месец, кредитниот рејтинг на Франција беше намален од две агенции поради загриженоста дека политичката состојба ќе ја попречи способноста на која било влада да ги среди јавните финансии. Агенцијата „Мудис рејтингс“ (Moody’s Ratings) треба да го објави своето следно ажурирање на 24 октомври.
Индикаторите за економската активност исто така покажуваат дека неизвесноста го погодува поширокиот економски сектор, бидејќи потрошувачите и компаниите се воздржуваат од инвестирање и трошење.
По обидот на Лекорну за разговори во наредните два дена, Макрон ќе има три главни опции: може да назначи нов премиер што ќе предложи нов кабинет; може да распише парламентарни избори; или самиот да поднесе оставка, нешто што претходно изјави дека нема да го направи.
Веднаш по објавата на Лекорну дека поднесува оставка, лидерката на крајната десница Марин Ле Пен ја повтори својата заложба за распишување нови парламентарни избори, бидејќи нејзината партија Национален сојуз (National Rally) гледа можност да ја зголеми поддршката што ја доби на последните предвремени избори во 2024 година.
„Стигнавме до крајот на патот. Мора повторно да им се обратиме на избирачите, тие треба да одлучат“, изјави Ле Пен.
Ерик Сиоти, лидер на десничарската група што соработува со Националниот сојуз, рече дека тие партии на состанокот во понеделникот се согласиле да ѝ изгласаат недоверба на секоја влада што би ја предложил Макрон.
Обид за постигнување договор
Тврдиот став на крајната десница значи дека единствената можност на Лекорну за враќање на политичката стабилност е да посредува во постигнување некаков договор меѓу централната левица и централната десница. Двете групи, заедно со центристите на Макрон, би требало да се воздржат од гласање недоверба во Националното собрание доколку новата влада сака да опстане.
Сепак, овие две партии, социјалистите и републиканците, се долгогодишни политички ривали, чие меѓусебно спротивставување доминираше во француската политика со децении пред изборот на Емануел Макрон како центрист во 2017 година.
Двете партии и натаму имаат длабоки разлики во политиките: републиканците се противат на повиците на социјалистите за помали буџетски кратења и повисоки даноци за компаниите и богатите. Левицата досега одбива да ѝ се приклучи на која било влада предводена од центристите на Макрон, додека републиканците беа дел од владините кабинети во изминатата година.
Бруно Ретало, лидер на републиканците и актуелен министер за внатрешни работи во заминување, во понеделникот изјави дека левицата не треба да ја води владата.
„Не доаѓа предвид да поддржиме влада и премиер од левицата“, рече тој.
Истовремено, пак, доцна во понеделникот Оливие Фор, лидерот на Социјалистичката партија, во гостување на ТФ1, изјави дека токму партиите од левиот блок треба да ја формираат следната влада.