Владата на Израел го одобри договорот според кој Хамас ќе ги ослободи сите преостанати заложници што ги држи во Газа, во замена за повеќе од 2.000 затвореници – уште еден значаен чекор кон исполнување на условите од мировниот договор и ставање крај на крвавиот конфликт меѓу двете страни.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави на X дека владата го одобрила рамковниот договор според кој ќе бидат ослободени сите заложници, вклучувајќи ги и посмртните останки на загинатите.
Џеред Кушнер, зетот на американски претседател Доналд Трамп, присуствувал на состанокот заедно со специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф, а нивното присуство имало цел да обезбеди поддршка и да спречи евентуални несогласувања што би можеле да го попречат планот на Нетанјаху за одобрување на договорот. Со овој потег се отвора патот заложниците да бидат ослободени во следните три дена.
Прочитај повеќе
Доналд Трамп остана со празни раце, Нобеловата награда за мир оди кај Марија Корина Мачадо
За наградата имаше 338 кандидати од кои 244 се поединци, а 94 се организации.
10.10.2025
Хамас се согласи да ги ослободи израелските заложници
Хамас се согласи да ги ослободи последните заложници од нападот врз Израел во 2023 година, но изјави дека остатокот од мировниот план на САД ќе биде предмет на преговори — став што нуди неизвесна надеж за крај на конфликтот во Газа.
04.10.2025
Официјално прогласен глад во Газа
Над 640.000 луѓе ќе се соочат со катастрофално ниски нивоа на храна до крајот на септември, се наведува во извештајот на официјално тело поддржано од Обединетите нации.
22.08.2025
Што ќе направи светот во врска со ураниумот на Иран?
Со тоа што не ги земаат предвид или не ги уништуваат резервите од нуклеарно гориво, Израел и САД му дадоа на Иран адут за преговарање во какви било потенцијални преговори за тоа што ќе се случи следно.
05.08.2025
Дали Палестина е држава? Што ако повеќе земји се согласат дека е?
Израел и Палестина се соочуваат со важни избори за иднината: продолжување на контролата, признавање државност или целосна интеграција. Што мислат Палестинците за можните решенија?
30.07.2025
Во видеообраќање од состанокот, Нетанјаху изјави дека сака „лично да им се заблагодари“ на двајцата.
„Сведоци сме на историски развој во изминатите две години“, рече Нетанјаху. „Во текот на овие две години се боревме за да ги постигнеме целите на војната, а една од нашите клучни цели беше ослободувањето на сите заложници, живи и мртви. И сега сме на прагот да го постигнеме тоа.“
Потегот во голема мера беше очекуван, но претставува завршница на првата фаза од договорот, откако главниот преговарач на Хамас претходно во текот на денот објави дека групата што има поддршка од Иран се согласила да ѝ стави крај на војната што ја опустоши Газа, остави десетици илјади мртви и ја дестабилизира состојбата на Блискиот Исток.
Трамп, чиј план од 20 точки ја претставува основата на договорот, во четвртокот изјави дека ќе отпатува за Израел за лично да присуствува на ослободувањето на заложниците.
Хамас треба да ги врати сите преостанати 48 заложници што сè уште се држат во Газа, од кои се верува дека 20 се живи. Во замена, Израел треба да ослободи речиси 2.000 затворени Палестинци и да дозволи зголемување на хуманитарната помош за Газа преку агенциите на Обединетите нации и други меѓународни организации.
Предизвиците остануваат. Двајца високи американски функционери, кои разговарале со новинарите, но сакале да останат анонимни, изјавиле дека договорот има две фази, ослободување на заложниците и потоа, како што тие го нарекле, „речиси траен прекин на огнот“, во чии рамките ќе се решаваат и други прашања, како разоружување, формирање нова влада во Газа и прераспоредување на израелските сили.
Функционерите признале дека постојат многу начини на кои договорот може да се изјалови, но дека Трамп се надева да ја обнови динамиката за проширување на Аврамовите договори (Abraham Accords), потпишани во неговиот прв мандат, со кои неколку земји ги нормализираа односите со Израел.
Тие изјавиле дека заложниците ќе бидат ослободени во рок од 72 часа по повлекувањето на Израел, а дека Централната команда на САД ќе помогне во воспоставувањето заедничка работна група, додека се формира меѓународна сила за стабилизација.
Ако прекинот на огнот се одржи
Иако Израелците и Палестинците го прославуваат договорот, се појавија грижи дали тој навистина ќе опстане. Во четвртокот заменик-министерката за надворешни работи на Израел, Шарен Хаскел, во интервју за „ТВ Блумберг“ изјави дека прекинот на огнот е во сила. Но израелските сили наедно соопштија дека нивни единици погодиле ќелија на Хамас во северниот дел на Појасот Газа.
Хамас соопшти дека најмалку четворица луѓе се убиени и ги повика посредниците „и американската администрација да ја преземат својата одговорност за овие брутални злосторства, да ги осудат и веднаш да интервенираат за да го принудат окупаторот да престане да ги напаѓа невините деца и невооружените цивили“.
Ако прекинот на огнот се одржи, израелските сили ќе започнат постепено повлекување од градските центри во Газа сè додека не достигнат тампон-зона во рамките на границата на палестинската енклава. Нетанјаху изјави дека имал „многу емотивен и топол разговор“ со Трамп, во кој си честитале еден на друг за „историското достигнување“.
Хамас ја започна војната со напад на јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени 1.200 лица, а уште 250 беа киднапирани. Според Министерството за здравство под контрола на Хамас, повеќе од 67.000 жители на Газа се убиени во конфликтот. Околу 450 израелски војници загинале во борбите во Газа. Комисија поддржана од Обединетите нации оцени дека Израел извршува геноцид, обвинување што владата на Нетанјаху го негира.
„Подготвени сме да дејствуваме“
Конфликтот имаше последици многу подалеку од Газа, при што Израел напаѓаше милиции поддржани од Иран во Либан, Сирија, Јемен и Катар. Во јуни Израел исто така водеше 12-дневна воздушна војна против Иран, за време на која САД ги нападнаа нуклеарните постројки на Исламската Република.
Според договорот за прекин на огнот, Израел треба да дозволи значително зголемување на хуманитарната помош за палестинската енклава погодена од војната, каде што поради хуманитарната криза Обединетите нации прогласија глад во делови од територијата.
„Ние и нашите партнери сме подготвени да дејствуваме веднаш“, изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. „Ги имаме знаењето, дистрибутивните мрежи и врските со заедниците за да реагираме.“
Маса народ се собра на Плоштадот на заложниците во Тел Авив, централно место за израелските демонстранти, кои повикуваа на нивно ослободување за да го прослават договорот. Прослави имало и во Газа, вклучувајќи ги градовите Кан Јунис и Деир ел-Балах, посочуваат сведоци.
Фотографии од Египет покажуваат како израелски и катарски преговарачи се прегрнуваат, сцена што до неодамна би била незамислива со оглед на тензичните односи меѓу двете земји. Помалку од еден месец претходно, Израел го разгневи Катар со обид за атентат врз висок претставник на Хамас, извршен со ракетен напад врз станбен комплекс во Доха.
Преговорите продолжуваат
Разговорите во Шарм ел Шеик најверојатно ќе продолжат околу нерешените прашања, меѓу кои се обновата и идното управување со Газа. Трамп и Нетанјаху бараат Хамас да се разоружи и да нема никаква улога во управувањето со територијата. Групата, која е означена како терористичка организација од страна на САД, Европската Унија и други сè уште формално не се согласила на тоа.
Сепак, портпарол на организацијата во четвртокот за телевизијата „Ал Џезира“ изјави дека постои подготвеност во таа насока.
„Хамас нема да биде дел од управувањето со Газа и ја покажавме сета потребна флексибилност во тој поглед“, изјави тој за катарскиот медиум. „Со посредниците разговараме за можни пристапи за постигнување прекин на огнот, но не по цена на предавање на оружјето.“
Меѓународните лидери, меѓу кои и претставници од Германија и Обединетото Кралство, го поздравија овој напредок во преговорите. Многумина ја осудија израелската воена кампања во Газа, а некои држави дури и презедоа чекори кон признавање палестинска држава. Францускиот претседател Емануел Макрон, кој повеќепати имал судири со Нетанјаху поради конфликтот, изјави дека „договорот мора да значи крај на војната и почеток на политичко решение“.