Претседателот Доналд Трамп ги наведе ретките метали, фентанилот и сојата како главни прашања помеѓу САД и Кина, непосредно пред да се вратат на преговарачката маса и додека лабавото примирје во трговските односи влегува во завршната фаза.
„Не сакам да си играат со нас кога станува збор за ретките метали“, изјави Трамп во претседателскиот авион во неделата, на патот од Флорида назад во Вашингтон. Неколку дена порано, американскиот претседател се закани со царина од 100 отсто на кинеските пратки, откако Пекинг најави воведување опсежни контроли врз овие елементи.
Трамп исто така рече дека САД сакаат Кина да „престане со фентанилот“, алудирајќи на своите претходни обвинувања дека Пекинг не успеал да го потисне извозот на дрога и нејзините прекурсори, што придонесува за американската криза со злоупотреба на опијати. Друго клучно барање е втората најголема економија во светот да го обнови купувањето на соја. „Сите три теми се, знаете, многу нормални“, додаде тој.
Министерот за финансии Скот Бесент изјави дека САД и Кина ќе одржат разговори подоцна неделава во Малезија. Ова следеше по неговиот виртуелен состанок со потпретседателот на кинеската влада Хе Лифенг во петокот, а кинеските државни медиуми ги опишаа овие разговори како конструктивна размена на мислења. Претходно, пред нешто повеќе од недела дена, Трамп ја спомена можноста за откажување на неговиот прв личен состанок со кинескиот претседател Шји Џјипинг откако се врати во Белата куќа, разочаран поради најавата на кинеската влада дека ќе воведе опсежни контроли над ретките метали. Тој исто така најави дополнителна царина од 100 отсто за кинеска стока која треба да влезе во сила на 1. ноември.
Тоа го загрозува трговското примирје кое истекува на 10. ноември, освен ако не биде продолжено. Месеците на релативна стабилност во односите помеѓу САД и Кина беа нарушени со неодамнешните потези на Вашингтон, кој ги прошири технолошките ограничувања и предложи такси за кинеските бродови што влегуваат во американските пристаништа. Кина одговори со слични мерки и најави построги извозни контроли на ретките метали и други клучни материјали. На прашање од „Фокс њуз“ во неделата за последната закана за зголемување на царините за кинеската стока, Трамп рече дека таа такса „не е одржлива“, иако „може да преживее“.
Тој додаде дека има добар однос со кинескиот лидер и дека очекува да дојде до состанок во Јужна Кореја, каде на крајот на месецот ќе започне самитот на АПЕК (Азиско-пацифичката економска соработка).
„Мислам дека ќе бидеме во ред со Кина, но мораме да имаме фер договор. Мора да биде фер“, рече Трамп.
Доналд Трамп и Шји Џјинпинг треба да одржат средба во Јужна Кореја на крајот од месецов
Сојата долго време беше важен адут за Кина во трговската војна. Минатата година, Кина купила соја во вредност од околу 12,6 милијарди долари, но оваа година - ништо. Наместо тоа, се сврте кон набавка од Јужна Америка. Незадоволството меѓу американските фармери , клучен дел од Трампова база на поддршка, расте, бидејќи многу од нив остануваат без простор за складирање на непродадената соја и се соочуваат со притисок поради пониски цени. Тие нетрпеливо чекаат на помош од Вашингтон, која доцни поради затворањето на владата. Во август, Трамп ја повика Кина за четири пати да го зголеми купувањето на американска соја. Укажувајќи на фрустрацијата што тоа не се случува, минатата недела тој се закани дека ќе го запре увозот на масло за јадење од Кина, која ја обвини дека намерно „создава проблеми за американските производители на соја“.
Прашањето на фентанилот долго време беше следено како област во која двете страни можат да постигнат напредок, но и понатаму ја оптоварува нивната врска. Претходно оваа година, Трамп воведе царини од 20 отсто на целата кинеска стока поради протокот на илегален фентанил во САД. Тие такси доаѓаат надвор од неговите т.н. даноци од Денот на ослободувањето. Во јуни, Пекинг ги заостри контролните мерки за две хемикалии кои можат да се користат за производство на дрога, но повеќепати изјави дека останува на САД да го решат својот проблем со наркотиците. Кина се обиде да ја ублажи загриженоста околу ескалацијата на ограничувањата за ретките метали - клучни за производство на борбени авиони, паметни телефони, па дури и автомобилски седишта - за да спречи меѓународна реакција.
Во разговорите што се одржаа во рамки на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд минатата недела, кинеските делегати им рекоа на своите колеги од целиот свет дека заострените извозни контроли нема да штетат на редовните трговски текови, извести „Блумберг њуз“ (Bloomberg News,) повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Официјални лица изјавија дека Кина сака да изгради долгoрочен механизам со тие мерки и дека тие се воведени како одговор на американските провокации, како што е проширувањето на санкциите на подружници на компании од црната листа.