Доналд Трамп звучеше триумфално по состанокот. Но на неговата прва средба со кинескиот колега Шји Џјинпинг откако се врати на функцијата во јануари, американскиот претседател мораше да отстапи речиси колку што доби.
Трамп изјави дека двајцата лидери ги „решиле“ разликите околу едно од најчувствителните прашања и главен извор на влијание за Пекинг – пристапот до кинеските ретки метали. „Нема никакви пречки за ретките метали“, рече тој во четвртокот во претседателскиот авион. „Се надевам дека тој поим ќе исчезне од нашиот речник барем за некое време.“
Она што Трамп го претстави како победа – и за глобалната економија и за САД – беше договорот на Кина да почека една година пред да воведе сеопфатен режим на извозни контроли за клучни минерали неопходни во различни индустрии.
Прочитај повеќе
Средбата меѓу Трамп и Џјинпинг донесе неизвесност на берзите и нов подем на златото
Пазарите реагираа воздржано по средбата на Трамп и Џјинпинг, златото поскапе, а Федералните резерви предупредија дека ново намалување на каматите во декември не е извесно.
30.10.2025
Акциите на „Енвидија“ скокнаа по најавите на Трамп за продажба на чиповите „блеквел“ во Кина
Изјавите на Трамп за можен договор со Кина за продажба на чиповите „блеквел“ ја поттикнаа еуфоријата на пазарите, па акциите на „Енвидија“ скокнаа на рекордно ниво.
29.10.2025
Трамп склучи договор за критични минерали со Австралија за да ѝ се спротивстави на Кина
Претседателот Доналд Трамп, потпиша историски договор со австралискиот премиер Ентони Албанезе, кој е во посета на САД, со цел да се подобри пристапот на Америка до ретки земни елементи и други критични минерали — напор за спротивставување на цврстата контрола на Кина врз синџирите на снабдување со клучни метали.
21.10.2025
Европска автоиндустрија: Како да не се доволна грижа кинеските конкуренти, сега фалат и чипови!
Европските производители на возила соочени со нови проблеми - сега недостигаат чипови, поради проблемите со кинеската „Нексперија“.
30.10.2025
Германски фирми предаваат тајни што Кина би можела да ги искористи за притисок
Додека германските фирми се борат со новите кинески контроли врз ретките земни минерали, тие му доставуваат на Пекинг чувствителни информации.
25.10.2025
Но новите ограничувања сè уште се во подготовка, а старите остануваат во сила – што значи дека компаниите во САД и пошироко ќе продолжат да зависат од Пекинг за клучни материјали потребни за производство на борбени авиони, полупроводници и електрични автомобили. Само многу пообемен договор меѓу двете најголеми светски економии би можел целосно да ја отстрани таа закана.
Освен тоа, за да ја обезбеди кинеската „пауза“, Трамп мораше да направи отстапка. САД се согласија привремено да го одложат планираното проширување на извозната црна листа, на која требаше да се најдат уште илјадници кинески компании.
„Опасен преседан“
Овој потег ја покажа многу поголемата преговарачка моќ што Кина ја има во вториот мандат на Трамп. Во суштина, САД сега прифатија преговарачка врска меѓу сопствените ограничувања за извоз на напредни технологии – како чипови за вештачка интелигенција – и кинеските контроли за ретките метали. За некои „јастреби“ во Вашингтон, тоа е преминување опасна линија.
„Кинеските контроли на ретките метали беа огромен обид да нè одвратат од воведување дополнителни ограничувања. Наместо да возвратиме, ние се согласивме да ги ублажиме сопствените мерки“, рече Крис Мекгир, експерт за Кина и нови технологии, кој работеше во Советот за национална безбедност во администрацијата на Бајден и во Стејт департментот до летово.
„Мислам дека ништо слично не се случило претходно, и тоа претставува опасен преседан“, додаде Мекгир. Според него, договорот всушност значи едногодишно примирје во воведувањето нови контроли – а бидејќи американските мерки се потесно насочени и бараат почести ажурирања за да останат ефикасни, „тоа ѝ користи повеќе на Кина отколку на САД“.
Кина првпат воведе ограничувања за извоз на магнети од ретки метали во април, а во почетокот на октомври ги претстави и своите нови сеопфатни планови. Во меѓувреме следуваа месеци на одмерени контрамерки од двете страни.
Пред овонеделната средба, Трамп се обиде да добие предност најавувајќи можни мерки, меѓу кои и зголемување на царините за 100 отсто. Но на крајот не само што се повлече од таа закана туку укина и дел од тарифите воведени поради улогата на Пекинг во трговијата со фентанил, како и дополнителните такси за кинеските бродови што пристигнуваат во американските пристаништа – мерки што сега се ставени во мирување за една година.
Како резултат на тоа, целта на претседателот да ги поттикне американските и другите производители да ја напуштат Кина преку трговски бариери може да претрпи удар. Ако тарифата од 20 отсто за фентанил се преполови, како што најави Трамп, тогаш просечната стапка на царините за кинеските производи ќе падне на 31 отсто, посочува „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics). Тоа е далеку под 50 отсто царини што САД ги применуваат за многу производи од Бразил и од Индија – што го прави производството во Кина попривлечно од двете земји, барем засега.
„Сè освен ретките метали“
Сите овие отстапки дојдоа во момент кога позицијата на американскиот претседател ризикува дополнително да ослабне.
Врховниот суд следната недела треба да ги разгледа аргументите во случај што би можел да доведе до поништување на поголемиот дел од новите тарифи – вклучувајќи ги и оние кон Кина. Пониските судови веќе оценија дека повикувањето на Законот за меѓународни економски вонредни овластувања од 1977 година – кој никогаш досега не бил применет за воведување царини – било незаконско.
Сепак, и Шји не ги доби сите свои барања.
Трамп не се согласи да ја одобри продажбата на моќните чипови „блеквел“ на „Енвидија“ (Nvidia) за Кина, иако пред средбата го најави тоа како можност.
Исто така, не беа дадени детали за какви било планови што би ѝ овозможиле на Кина да ги зголеми своите инвестиции во САД, како што Трамп поттикнуваше во договорите со земји како Јапонија и Јужна Кореја.
Американскиот и кинескиот лидер планираат серија средби во 2026 година. Во меѓувреме постои ризик овонеделните ветувања да не донесат значајни промени за индустриите што зависат од магнети од ретки метали или за компаниите што се обидуваат да изградат алтернатива на кинеското производство.
„Ова примирје меѓу Кина и САД во голема мера беше за сè друго освен за ретките метали и силните индустриски магнети“, изјави Вејд Сенти, претседател на „Адвансд магнет лаб“ (Advanced Magnet Lab Inc.), компанија што произведува магнети во САД за одбранбени и други цели. „Ризикот за војската, искрено, мислам дека не се промени од почетокот на јуни.“
„Заглавени со лиценците“
Реалноста за одбранбената, аеронаутичката и автомобилската индустрија што зависи од увоз на ретки метали и магнети е дека кинеските извозни контроли и натаму ја обликуваат состојбата. И покрај многубројните паузи и примирја оваа година, во практиката има малку или речиси никакви промени.
Кинеските постапки за одобрување продажби на американски компании и натаму се сложени. Компаниите пријавуваат подолги рокови за добивање извозни лиценци, а Пекинг бара повторно поднесување документи за секоја поединечна нарачка. Последиците се чувствуваат и надвор од САД – компании во Германија и други земји сега мора да доставуваат чувствителни податоци за своите синџири на снабдување до кинеските власти за да добијат лиценци.
Одложувањето на новите извозни контроли од страна на Кина сепак носи мало олеснување за американската индустрија. На пример, тоа може да им помогне на невоени компании да набават клучна опрема неопходна за обработка и производство на одредени ретки метали и силни индустриски магнети.
Сепак, други експерти предупредуваат дека во пракса Пекинг може и натаму намерно да ги задржува лиценците – како што прават САД со дозволите за извоз на чипови – што би претставувало фактичко ограничување.
„Оваа игра можат да ја играат двајца“
Индустриските инсајдери стравуваат дека САД направиле отстапки кон Кина во замена само за привремена пауза, без да добијат суштински измени во контролите за ретките метали. Тие нагласуваат дека иако Кина ги одложи своите нови, пообемни мерки, априлската верзија, која ги предизвика првичните проблеми, останува во сила.
„Ако Кина и понатаму бара компаниите да поднесуваат лиценци, но не ги разгледува како порано, тоа веројатно нема да значи вистински напредок“, изјави Назак Никахтар, поранешен претставник на Министерството за трговија во првиот мандат на Трамп, кој сега е партнер во „Вајли Реин“ (Wiley Rein) и застапува клиенти од секторите за ретки метали, индустриски магнети и чипови.
Над исходот од оваа недела виси и фактот дека, кога станува збор за ретките метали, но и пошироко за односите со Кина – САД прерано прогласиле победа. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир во јули, по една рунда преговори во Стокхолм, изјави со самоувереност: „Не сакаме никогаш повеќе да зборуваме за магнети“.
Се создава и впечаток дека Кина станува сè повешта во справувањето со Трамп и користењето на своето влијание.
„Пекинг жестоко преговараше, инсистирајќи да биде награден за секоја направена отстапка“, изјави Венди Катлер, поранешна американска трговска преговарачка, а сега дел од Институтот за политика на Азија. „Трамп конечно доби достоен противник во Кина, кој покажа дека и тој знае да ја игра оваа игра.“