Зохран Мамдани, отворено деклариран демократски социјалист, е избран за 111. градоначалник на Њујорк, во историска победа што го прави лидер на градот што претставува глобална финансиска престолнина во светот.
Мамдани, член на Демократската партија, освоил 50,4 отсто од гласовите, додека поранешниот гувернер Ендрју Куомо, кој настапи како независен кандидат по поразот од Мамдани на партиските избори, добил 41,6 отсто од преброени 98 отсто од гласовите. Републиканецот Кертис Слива освоил 7,1 отсто.
Кога на 1 јануари ќе биде свечено инаугуриран, 34-годишниот пратеник од Квинс ќе стане најмладиот човек што ја извршувал оваа функција во изминатите сто години. Тој наедно ќе биде и првиот муслиман и првиот градоначалник од јужноазиско потекло во 400-годишната историја на Њујорк. Мамдани ќе го наследи актуелниот градоначалник Ерик Адамс, кој се повлече од трката поради ниски рејтинзи и низа скандали.
Прочитај повеќе
Високите кирии во Њујорк ги туркаат станарите до раб на издржливост
Цените на становите во Њујорк достигнуваат рекорди - повеќе од 70 проценти од жителите живеат под кирија, за која одвојуваат огромен дел од приходите.
05.08.2025
Дали социјализмот го освојува финансиското срце на Америка
Младиот и прогресивен левичар Зохран Мамдани стана сериозен кандидат за иден градоначалник на Њујорк.
06.07.2025
Голем политички камбек на партијата на Милеи, извојува победа на изборите во Аргентина
По убедливата победа на среднорочните избори, Милеи доби нов политички капитал и поддршка од САД за зајакнување на економијата и стабилизирање на пезосот.
27.10.2025
Шпанскиот премиер Педро Санчез планира нов мандат во 2027 година
Шпанскиот премиер вели дека е подготвен за нова трка во 2027 година, но корупциските скандали и зависноста од каталонските партии го отежнуваат неговиот пат до нов мандат.
25.09.2025
Јапонскиот премиер ќе поднесе оставка, се очекува неизвесност на пазарите
Ќе остане на функцијата сè додека неговиот наследник не ја преземе должноста
07.09.2025
Овие избори беа меѓу најжестоките трки што најголемиот американски град ги имал во последната деценија, факт што се одрази во големиот одзив. Според Градската изборна комисија на Њујорк, гласале повеќе од два милиони луѓе, што е најголем број од 1969 година. Мамдани победи во четири од петте окрузи, при што најдобар резултат постигна во Бруклин, каде што ја прослави победата.
„Вечерва ми дадовте мандат за промена, мандат за нов вид политика, за град што можеме да си го дозволиме и за власт што може навистина да го испорача тоа“, изјави Мамдани пред илјадниците поддржувачи на гласната прослава.
Мамдани од релативна непознатост се издигна до победа во трката со голем број кандидати на јунските партиски избори, комбинирајќи харизма, познавање на социјалните мрежи и пораки насочени кон решавање на кризата со скапиот живот во Њујорк – стратегија што, според некои политички аналитичари, би можела да послужи како модел за Демократската партија на национално ниво.
По изненадувачката победа во партиските избори, неговата кампања остана фокусирана на истата порака и на мотивирање на гласачите. Мамдани вети замрзнување на кириите за повеќе од еден милион стана со регулирана цена, како и финансирање бесплатен автобуски превоз и универзална грижа за децата преку нови даноци за корпорациите и за најбогатите граѓани.
Просечната кирија во Големото Јаболко се искачи на околу 3.400 долари месечно, а стапката на слободни станови во градот минатата година падна на 1,4 отсто – најниска во историјата.
Мамдани исто така предложи укинување на градоначалничката контрола врз јавните училишта и формирање нова служба во рамките на полицијата на Њујорк што ќе реагира на повици поврзани со лица во тешки психички кризи. Тој најави и отворање пет градски продавници за храна, за да се овозможат поевтини производи во услови на зголемена инфлација.
Мамдани го победи Куомо на општите избори во Њујорк
Градски резултати од изборите за градоначалник, според гласовите
Bloomberg
Неговите предлози и недостигот од искуство – досега, во трите мандати како пратеник во државното собрание, спонзорирал само неколку закони – ги вознемирија деловните лидери, здруженијата за недвижности и богатите донатори, кои вложија пари во политички акциски комитети (PAC) што го поддржуваа Куомо. (Поранешниот градоначалник Мајкл Р. Блумберг, основач и мнозински сопственик на „Блумберг њуз“ и матичната компанија „Блумберг ЛП“ (Bloomberg LP), исто така придонесе во комитети што го поддржуваа Куомо).
Некои од неговите критичари попуштија во вторникот – милијардерот и инвеститор Бил Акман, кој донираше повеќе од еден милион долари во кампањата против Мамдани, му честиташе на новоизбраниот градоначалник.
„Сега имаш голема одговорност“, напиша Акман на платформата Х. „Ако можам да му помогнам на Њујорк, само кажи што можам да направам.“
Мамдани изгради огромна армија од волонтери, а неговиот изборен штаб во вторникот соопшти дека повеќе од 100.000 волонтери тропнале на три милиони врати.
Во Форт Грин, неколку улици подалеку од местото каде што Мамдани ја славеше победата, се слушаа автомобилски сирени додека неговиот говор се емитуваше на телевизија во еден од баровите. Анита Братвејт, која работи во бар и живее во Бедфорд-Стајвесант, раскажа за нејзиниот живот и за тоа колку е тешко да се остане во Њујорк.
„Јас сум од Њујорк, а сите си заминуваат, нели? Сите пријатели си одат, се селат бидејќи киријата можеби е поевтина, можеш да добиеш повеќе простор за помалку пари“, рече таа. „Јас гласав затоа што сакам да останам.“
Таа рече дека волонтерите од кампањата на Мамдани трипати ѝ тропнале на вратата.
„Тоа не се случило никогаш досега – секогаш како да нè прескокнуваа“, изјави таа.
Мамдани исто така започна голема кампања за собирање средства, со која успеа да собере милиони долари од илјадници поединечни донатори што донирале мали износи, со цел да ја искористи програмата на градот за дополнителни јавни средства. Градот ги дополнува донациите од жителите на Њујорк за кандидатите за градоначалник со осум долари за секој даден еден долар, до максимален износ од 250 долари.
Кампањата на Мамдани ја разбуди младата популација на гласачи, кои излегоа во многу поголем број отколку на претходните избори. Тој исто така му се обрати и на растечкото азиско гласачко тело во Њујорк, кое во последните дваесет години порасна на речиси 16 отсто од населението.
Еден од првите предизвици на Мамдани како градоначалник ќе биде управувањето при односите на градот со Белата куќа. Претседателот Доналд Трамп повеќепати го нападна Мамдани, нарекувајќи го „комунистички лудак“ и заканувајќи се дека ќе го ускрати финансирањето на градот.
„Цврсто сум убеден дека Њујорк ќе биде целосна економска и социјална катастрофа доколку победи Мамдани“, објави Трамп во понеделникот на платформата Трут соушл. „Не сакам, како претседател, да трошам добри пари на нешто што веќе е пропаднато.“
Неколку моменти по објавувањето на изборниот резултат, претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, изјави дека последиците „ќе се почувствуваат низ целата земја“, бидејќи ова „ја запечатува трансформацијата на Демократската партија во радикална, голема државна социјалистичка партија“.
Сепак, умерените демократи победија на други места во вторникот вечер. Поранешната агентка на ЦИА, Ебигејл Спенбергер, лесно победи на гувернерските избори во Вирџинија, додека поранешната воена офицерка во морнарицата и обвинителка Мајки Шерил триумфира во Њу Џерси.
Различни визии
Мамдани и Куомо им понудија на гласачите различни визии за даноците и полициската политика, во трка што на моменти ги одразуваше поделбите што ја потресуваат Демократската партија на национално ниво. Изборите исто така станаа своевиден одраз на ставовите на њујорчаните за тековните конфликти на Блискиот Исток – Куомо вети поддршка за Израел, додека Мамдани ја критикуваше воената акција на еврејската држава против Хамас во Газа и Иран, застапувајќи се за правата на Палестинците.
Поранешниот гувернер, кандидатот со најголемо искуство во владеењето, се претстави пред гласачите како искусен умерен политичар што може да се справи со проблемите на Њујорк – од криминалот во метрото до општата криза со високите трошоци за живот. Тој ги нагласуваше своите постигнувања како гувернер, меѓу кои се пофалената реконструкција на аеродромот „Ла Гвардија“ (LaGuardia Airport) и отворањето на линијата на метро на Втората авенија.
Но тој не успеа во обидот да направи политичко враќање по оставката од третиот мандат како гувернер, дадена поради обвинувања за сексуално вознемирување, кои тој ги негира. Тој не успеа ни да добие поддршка од републиканците, од кои многумина го критикуваа за политиките во периодот на пандемијата и за реформите во кривичната правда.
„Немаше причина да се гласа за Куомо“, рече во вторникот медицинската сестра Џенифер Најдиг на забавата на Слива во Менхетн. „Тој воведе кауција без готовина, со што им овозможи на криминалците да излегуваат од затвор. Зошто би гласала за таков човек?“
Куомо му честиташе на Мамдани во вторникот вечер, а на своите поддржувачи им кажа дека неговата кампања „беше вистинската битка што требаше да се води“.
„Оваа кампања беше обид да се оспорат филозофиите што ја обликуваат Демократската партија, иднината на овој град и на оваа земја“, рече Куомо. Но тој додаде дека резултатите покажуваат „дека речиси половина од њујорчаните не гласаа за поддршка на владината агенда што дава ветувања за кои знаеме дека не можат да се исполнат“.
Мамдани е роден во Уганда и е син на режисерката номинирана за „оскар“, Мира Наир, и на професорот Махмуд Мамдани од Универзитетот „Колумбија“, познат научник за колонијализмот. Во Њујорк се преселил на седумгодишна возраст, учел во средното училиште за наука во Бронкс (Bronx High School of Science) и на колеџот „Боудоин“ (Bowdoin College) во Мејн, а се обидувал во повеќе професии – како рапер, како соработник на филмовите на својата мајка и како советник за спречување на одземањето домови во непрофитната организација „Чаја“ (Chhaya), пред да се насочи кон политиката.
Американско државјанство добил во 2018 година, а првпат бил избран во Државното собрание во 2020 година, претставувајќи изборен округ во западен Квинс.
Советот за американско-исламски односи (Council on American-Islamic Relations) го нарече изборот на Мамдани „историско отфрлање на исламофобијата“ и им се заблагодари на младите гласачи што помогнале кандидатот да победи заедно со поддржувачите на палестинското движење, се наведува во соопштението објавено во вторникот.