Американскиот претседател Доналд Трамп подготвува значајни намалувања на тарифите со цел да се намалат високите цени на храната, како и серија нови трговски договори – вклучувајќи и рамковни договори со Аргентина, Гватемала, Ел Салвадор и Еквадор – во обид да одговори на загриженоста на гласачите околу трошоците за основните производи.
Овој потег доаѓа по минатонеделните изборни победи на демократите во низа клучни сојузни држави и локални избори, каде што кандидатите ја нагласуваа загриженоста поради високите трошоци за живот. Новите трговски договори со латиноамериканските земји, претставени во четвртокот, ќе доведат до намалување на тарифите и бариерите за вообичаени прехранбени артикли како говедското месо, бананите и кафето, со цел да се намалат сметките за намирници што со години ги фрустрираат Американците.
Трамп и други високи претставници на администрацијата најавија пошироки исклучоци од тарифите што би можеле да ги намалат давачките за популарни прехранбени производи во целина. Во интервјуа оваа недела за „Фокс њуз“, Трамп вети дека ќе „намали дел од тарифите“ на кафето, додека министерот за финансии Скот Бесент посочи дека увозот на овошје ќе добие олеснување.
Прочитај повеќе
Трамп го потпиша законот за буџетот, заврши рекордното затворање на американската влада
По 43 дена политички застој, владата конечно се отвора, но последиците врз економијата, државните институции и социјалните програми остануваат сериозни и ќе се чувствуваат со месеци.
13.11.2025
Тимот на Трамп ја преиспитува финансиската помош за Њујорк по победата на Мамдани
Ако Трамп ја потврди одлуката, Њујорк ризикува да изгуби дел од десетте милијарди долари федерална помош што ја доби минатата година.
12.11.2025
Со среќа втора година Трамп 2.0: Продолжена плима, осека или цунами на берзите?
Годината што измина беше полна со нестабилност пред сѐ поради обидот на Трамп да ги реструктурира глобалните трговски текови во корист на САД и преку новите царински давачки да изврши притисок врз трговските партнери.
12.11.2025
„Една од работите за кои луѓето зборуваат последниве неколку дена е можната промена на тарифите за прехранбени производи“, изјави во средата директорот на Националниот економски совет, Кевин Хасет, во интервју кај Дејвид Рубенштајн, водител на „Блумберг“ и коосновач и копретседател на „Карлајл груп“ (Carlyle Group), на настан од Економскиот клуб на Вашингтон.
„Њујорк тајмс“ објави дека Трамп подготвува промени во реципрочните царини, со можни ослободувања за говедското месо и цитрусните производи. Планот, според весникот, треба да ја надгради претходната извршна наредба со која администрацијата доби задача да ги утврди прехранбените производи што не се одгледуваат во САД и би можеле да бидат изземени од царини.
„Администрацијата на Трамп спроведува флексибилна и внимателно приспособена стратегија за трговијата и тарифите“, се наведува во соопштението на портпаролот на Белата куќа, Куш Десај.
Тој додава дека измените ќе произлезат и од производите што веќе се утврдени преку извршните наредби на претседателот и од трговските договори што се финализираат со некои од најблиските американски сојузници во западната хемисфера.
Bloomberg
Најзначајниот договор објавен во четвртокот е оној со Аргентина, што претставува нова поддршка од Вашингтон за претседателот Хавиер Милеј во неговиот обид да отвори една од најзатворените економии во светот.
Според соопштението на Белата куќа, „двете земји ќе си ги отворат пазарите за клучни производи“. Аргентина ќе овозможи „поволен пристап на американскиот извоз“, меѓу кои одредени лекови, хемикалии, машини, информатички производи и медицинска опрема.
Договорите со Гватемала, Ел Салвадор и Еквадор се насочени кон намалување на тарифите за важни извозни производи како бананите и зрната кафе, кои во голема мера не се произведуваат во САД.
Рамковните договори треба да бидат финализирани за околу две недели и се очекува да изземат специфични производи наместо да ги менуваат постојните реципрочни царини, изјави висок претставник на администрацијата на Трамп. Белата куќа очекува трговците и дистрибутерите да ги пренесат придобивките на американските потрошувачи, додаде тој.
Истовремено, официјалниот претставник најави напредок и во тековните трговски преговори со Швајцарија, кои би можеле да доведат до намалување на царините за производи како часовници и чоколада.
Овие пошироки напори би можеле да му помогнат на Трамп во обидот да ја промени перцепцијата дека не презема доволно за справување со високите трошоци што ги лутат Американците. Додека ја потпишуваше одлуката за повторно отворање на федералната влада во средата, Трамп рече дека ќе продолжи да работи на „намалување на трошоците за живот, обновување на јавната безбедност, раст на економијата и дека ја направи Америка повторно прифатлива за живеење“.
Сепак, со укинување на дел од царините што самиот ги воведе годинава, тој само ги враќа увозните давачки таму каде што беа пред да стапи на функцијата. Администрацијата тврди дека пониските трговски бариери во латиноамериканските земји ќе им користат на американските компании, иако државите што добија рамковни договори имаат значително помал обем на трговија со Вашингтон од многу други економии.
Договорот со Аргентина претставува политичко охрабрување за Милеј, негов идеолошки сојузник, кој годинава постави цел да постигне трговски договор со САД.
Рамката за договорот со Аргентина следува по обемниот пакет за „спас“ што администрацијата на Трамп го одобри минатиот месец за време на пазарниот пад. САД итно обезбедија 20 милијарди долари финансирање и директно купуваа пезоси за да го запрат падот на валутата и да ѝ помогнат на партијата на Милеј да направи голем пресврт на изборите.
Но, отворањето на кревката аргентинска економија веројатно ќе наиде на отпор, бидејќи многу домашни индустрии не се конкурентни на глобално ниво поради високите трошоци и големите даноци.
Од своја страна, САД ќе ги укинат „реципрочните царини за одредени природни ресурси што не се достапни дома и за непатентирани артикли што се користат во фармацијата“, соопшти Белата куќа.
Трговија со говедско месо
САД и Аргентина исто така „се обврзаа на подобрени и реципрочни услови за пазарен пристап во трговијата со говедско месо“. Овие чекори за олеснување на трговијата со добиток доаѓаат во момент кога Трамп се обидува да им понуди олеснување на американските потрошувачи поради силниот раст на цените на говедското месо во последниве години.
Но, иницијативите на Трамп за говедското месо предизвикаа остри реакции од фармерите – сектор што генерално го поддржува претседателот. Откако претходно најави планови за поголем увоз на говедско месо од Аргентина, Националната асоцијација на производители на говедско месо предупреди дека таквиот потег би ги поткопал американските производители. Администрацијата се обидува да ги смири фармерите со програма за зајакнување на домашното производство, која предвидува зголемување на пасиштата на федерални земјишта.
Според податоците на Министерството за земјоделство на САД, во 2024 година Америка извезла производи од говедско и свинско месо во Аргентина во вредност од 2,6 милиони долари. Аргентинската влада претходно го блокираше увозот на американска живина поради опасност од птичји грип, наведува Меѓународната трговска администрација. Болеста од 2022 година наваму постојано ги погодува американските фарми и годинава доведе до масовно уништување на живинските стада.
Иако финалниот обем на договорот сè уште не е утврден, Аргентина не може да склучи поширок трговски договор со САД затоа што е членка на трговскиот блок Меркосур, кој забранува големи билатерални договори надвор од рамките на блокот. Сепак, земјите од Меркосур годинава им дозволија на членките да изберат до 50 производи за кои може да се преговара одделно и да бидат ослободени од заедничките надворешни царини.