Кина ја засили својата одмазда против Јапонија, суспендирајќи го увозот на јапонска морска храна и запирајќи ги одобрувањата за нови филмови како најнови знаци дека нивниот дипломатски спор е далеку од завршен.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, денеска изјави за новинарите дека Јапонија не ги исполнила условите за продолжување на испораките на морска храна, ефикасно потврдувајќи ги претходните извештаи во јапонските медиуми дека увозот ќе биде суспендиран. Овој потег доаѓа само неколку месеци откако Пекинг укина слична забрана.
Мао предупреди дека ако Токио одбие да ги повлече изјавите на премиерката Санае Такаичи за Тајван, причина поради која се налути Пекинг, Кина ќе преземе сериозни контрамерки.
Прочитај повеќе
Јапонија прво ја разбесни, а сега многу се труди да ја смири Кина во врска со Тајван
Јапонија презема широки дипломатски напори за ублажување на тензиите со Кина откако коментарите на премиерката Санае Такаичи за Тајван предизвикаа остра реакција од Пекинг.
18.11.2025
Кина го засилува спорот со Јапонија со закани за економски мерки
Заканите од Пекинг по изјавите за Тајван ги подгреаја стравувањата дека спорот со Јапонија би можел да има сериозни политички и економски последици во регионот.
17.11.2025
Односите меѓу двата соседа се влошија откако Такаичи стана првиот актуелен јапонски лидер во последниве децении што јавно ја поврза кризата во Тајванскиот Теснец со евентуално распоредување јапонски трупи. Нејзините изјави предизвикаа брза одмазда од Пекинг, кој предупреди дека ќе следуваат уште мерки.
Пекинг ги суспендира и разговорите за продолжување на увозот на говедско месо, според „Кјодо њуз“ (Kyodo News). Покрај тоа, кинеските регулатори го запреа процесот на одобрување за нови јапонски филмови и суспендираа шест наслови што веќе беа одобрени и за кои беа обезбедени датуми на објавување, посочуваат лица запознаени со ова прашање.
Акциите следуваат по состанокот насочен кон ублажување на тензиите, кој се чини дека постигна незначителен напредок. Лиу Џинсонг, генерален директор на Одделот за азиски работи при кинеското Министерство за надворешни работи, изјави дека не е задоволен од исходот од неговите разговори со јапонскиот дипломат Масааки Канаи во вторникот, пишува кинеската новинска интернет-страница „Пејпер“ (The Paper).
Јапонија соопшти дека Канаи повторил дека ставот на земјата за Тајван останува непроменет. Канаи одговори на „екстремно несоодветните изјави“ дадени од Сјуе Џиан, генералниот конзул на Кина во Осака, кој во сега избришана објава на мрежата Х се закани дека ќе ѝ ја отсече главата на Такаичи. Канаи, кој е генерален директор на Бирото за азиски и океански работи, побара итни мерки против дипломатот.
Економски влијанија
Увозот на морска храна од Јапонија во Кина се намали откако Пекинг воведе забрана за испораки од својот азиски сосед. Откако Пекинг претходно се согласи да ја укине таа забрана, пратките од септември почнаа полека да се зголемуваат, иако во првите девет месеци од оваа година увозот на риба, ракови и други морски плодови достигна вкупна вредност од само 500.000 американски долари, покажуваат податоците од кинеската царина.
Веста за прекинот на увозот на морски плодови во Кина влијаеше врз акциите на поврзаните јапонски компании. Дистрибутерот на морски плодови „Кјокујо“ (Kyokuyo Co.) падна дури за 2,7 проценти, а „Нисуи“ (Nissui Corp.) за 3,1 отсто. Спротивно на тоа, кинеските компании за морска храна се засилија, при што „Жанџијанг гуолијан акватик продактс“ (Zhanjiang Guolian Aquatic Products Co.) порасна за повеќе од 20 проценти, а „Даху хелт индустри“ (Dahu Health Industry Co.) за 10 отсто.
Bloomberg Mercury
Пекинг исто така ги предупреди кинеските граѓани да не патуваат во Јапонија - потег што веќе доведе до тоа најмалку две државни туристички агенции да ги откажат групните тури резервирани со месеци однапред, според луѓе запознаени со ова прашање. Предупредувањето за патување предизвика остар пад на најголемите акции во туризмот и малопродажбата во Јапонија пред тие да надоместат дел од своите загуби.
Државните фирми им советуваа на вработените да избегнуваат патувања во Јапонија, а некои инвестициски групи, банки, брокерски куќи и други компании испратија предупредувачки пораки до вработените оваа недела, велат луѓе запознаени со ова прашање.
Постои загриженост дека Кина би можела да ја користи трговијата како оружје, како што правеше во минатото за време на споровите со Јапонија, Австралија, Јужна Кореја и други земји. Кога Пекинг и Токио се судрија околу територијален спор пред повеќе од една деценија, Кина привремено ги блокираше испораките на ретки земни метали.
Јапонската индустрија е загрижена дека повторно би можело да се случи тоа, а претседателот на Советот за надворешна трговија, Татсуо Јасунага, денеска изјави: „Не може да ја отфрлиме можноста дека ова прашање би можело да доведе до нова несигурност во снабдувањето со ретки земни метали“, додавајќи дека како деловни субјекти ќе побараат соодветни мерки.
Bloomberg Mercury
Кинеското Министерство за државна безбедност исто така се вклучи, наведувајќи во објава на социјалните мрежи дека Такаичи „си игра со оган“ и се заканува со неутврдени последици ако не ги повлече своите коментари. Во објавата исто така се посочува дека во последните години Кина открила голем број случаи на шпионажа во кои е вклучена Јапонија и вети дека ќе ја заштити националната безбедност, без да даде детали.
И Жу Фенглијан, портпаролка на канцеларијата во Пекинг што се занимава со работите на Тајван, рече дека коментарите на Такаичи се „обид за оживување на милитаризмот што ја гази меѓународната правда“.
Таа додаде дека Пекинг сака Јапонија веднаш да престане да се меша во внатрешните работи на Кина и да ги запре провокациите и прекршувањата што ги прави.
„Максималистичко барање“
„Со преземените мерки Пекинг јасно му сигнализира на Токио дека сè уште не е подготвен да дозволи огнот да згасне или да преовлада присебноста“, рече Џереми Чан, виш аналитичар на „Евроазија груп“ (Eurasia Group) и поранешен американски дипломат. „Исто така, Кина само го повтори своето максималистичко барање Такаичи целосно да ја повлече својата изјава, што реално не може да го стори. Ова не остава непосредна појдовна точка за деескалација“.