Мировниот план од 28 точки, кој го разгледуваат американски и руски претставници, би ја принудил Украина да се откаже од големи делови територија окупирани од Русија, да ја ограничи големината на својата армија и постепено да ги укине санкциите против Москва, исполнувајќи многу од воените барања на Владимир Путин.
Според условите на планот, украинските региони Крим, Луганск и Донецк би биле „признаени како де факто руски, вклучувајќи и од страна на Соединетите Американски Држави“, се наведува во предлогот, чии детали ги видел „Блумберг њуз“ (Bloomberg News). Украина исто така би морала да одржи избори во рок од сто дена и да се откаже од каква било надеж за членство во НАТО.
Украинските сили би се повлекле од делови на Донецк што не се под окупација на Русија, а таа област би станала „неутрална демилитаризирана тампон-зона, меѓународно признаена како територија што ѝ припаѓа на Руската Федерација“. Рускиот воен персонал нема да влезе во оваа демилитаризирана зона, се наведува во документот.
Прочитај повеќе
ЕУ размислува за нови санкции за руската тајна флота
ЕУ истражува понатамошни рестриктивни мерки за тие што ѝ овозможуваат на т.н. „флота во сенка“ на Русија од танкери што транспортираат нафта, во дополнителен обид да ја наруши способноста на Москва да ја финансира својата војна против Украина.
20.11.2025
САД со повик до Турција и другите сојузници на НАТО да престанат да купуваат руска енергија
САД ги повикаа сојузниците на НАТО да престанат да купуваат руска енергија за да помогнат во завршувањето на војната во Украина.
11.11.2025
Зошто полската солидарност кон Украинците сè повеќе слабее?
Постои пад на солидарноста во земјата чија економија цветаше благодарение на украинската работна сила.
09.11.2025
ЕУ сака да ги користи замрзнатите руски средства, но никој не се охрабрува
ЕУ размислува да ги искористи замрзнатите руски средства за помош на Украина, но претпазливоста и ризиците ги спречуваат лидерите за конечна одлука...
24.10.2025
Како Европа би ги користела замрзнатите руски средства за да ја поддржи Украина
Новиот предлог што го дискутираат земјите-членки на ЕУ би овозможил руските пари да се користат за обезбедување кредити за Украина.
23.10.2025
Русија ги засилува нападите врз Украина, Трамп не сака „залудна средба“ со Путин
Русија изврши повеќекратни напади со дронови и ракети врз Украина, додека најновите обиди за мир од страна на американскиот претседател Доналд Трамп изгледа дека се во застој.
22.10.2025
Украина би добила безбедносни гаранции од САД – но Вашингтон би добивал финасиски надомест за таа улога. САД исто така би добивале 50 отсто од профитите за обновување и инвестирање во Украина и би влегле во економско партнерство со Русија по укинувањето на санкциите.
Многу детали од планот се предлози што Украина и нејзините сојузници во минатото силно ги отфрлаа. Иако претседателот Володимир Зеленски изјави дека ја разгледува иницијативата, нема многу индикации дека би бил подготвен да ги прифати нејзините услови. Членките на НАТО исто така ќе се спротивстават, бидејќи планот би ја ограничил способноста на Алијансата да се проширува како што смета дека е потребно. За таков чекор е потребна согласност од сите 32 членки.
„Ме вознемирува колку малку труд е вложен во тоа“, изјави во интервју Јулијана Смит, поранешната амбасадорка на Џо Бајден во НАТО. „Ова ќе биде прогласено за мртво од самиот почеток од повеќе страни, почнувајќи од самиот Зеленски. Тој сега е внимателен, вели дека го разгледува, но не гледам ниту една околност под која би прифатил ваков план.“
Најновиот предлог, според лица запознаени со преговорите, бил усогласен меѓу пратеникот на Доналд Трамп, Стив Виткоф, и пратеникот на Владимир Путин, Кирил Дмитриев. Тој следува по претходните иницијативи на Виткоф во кои Украина беше скептична, а Европа речиси веднаш се спротивстави.
Порталот „Аксиос“ (Axios) го објави текстот на планот во четвртокот. Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар.
Иако претставници од Белата куќа велат дека планот ја има поддршката на Трамп, едно лице запознаено со состојбата, кое побарало анонимност поради чувствителноста на разговорите, изјави дека дискусиите сѐ уште се во тек. Делегација од високи американски воени претставници, предводена од државниот секретар на армијата Ден Дрискол, беше во Киев неделава за да разговара за можните насоки за напредок. Една од опциите, како што рече изворот, е засилување на воената помош.
Државниот секретар Марко Рубио, кој има построг став кон Русија од Виткоф, изјави дека преговарачите ќе „продолжат да развиваат листа на можни идеи за завршување на војната врз основа на предлозите од двете страни во конфликтот“.
Но обемот на отстапките кон Москва, како и кон САД, е огромен и би барал одобрување и од други држави што не се вклучени во најновите разговори. Украина не само што би морала да ветува дека нема да му се приклучи на НАТО, туку би морала да го внесе тоа и во Уставот. Русија би била вратена во групата Г8, симболичен потег што би ја прекинал нејзината меѓународна изолација, а на кој се спротивставуваат и други земји членки.
Предлогот исто така предвидува финансиски удел за САД. Околу 100 милијарди долари од замрзнатите руски средства би биле насочени кон напори предводени од САД за обновување на Украина, при што Вашингтон би добивал 50 отсто од профитот. Преостанатите неискористени замрзнати средства би биле префрлени во американско-руски инвестициски фонд.
Не е јасно колку простор има Володимир Зеленски да се спротивстави на планот, ниту дали САД би можеле да ја искористат својата воена и разузнавачка помош како притисок за Киев да прифати. Националниот безбедносен тим на Доналд Трамп има контакти и со руски и со украински претставници, а претседателот го поддржува актуелниот предлог, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
„Нема да навлегувам во деталите, бидејќи процесот е во тек и се менува, но претседателот го поддржува овој план“, рече таа. „Тоа е добар план и за Русија и за Украина, и сметаме дека треба да биде прифатлив за двете страни.“
Реакциите од сојузниците на Украина беа брзи — и негативни. Британскиот премиер Кир Стармер порача дека секој предлог за мировен договор со Русија мора да има согласност од Украина. Истото тоа го повтори и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
„Многу од точките што ги видов се доста проблематични“, изјави Мицотакис во интервју за главниот уредник на „Блумберг њуз“, Џон Миклтвејт, на форумот „Нова економија“ во Сингапур. „Јасно ставивме до знаење дека на крајот на краиштата најважната безбедносна гаранција за Украина е силна украинска армија.“
Неговите коментари го повторија ставот на високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи Каја Калас, која рече дека секој обид за воспоставување мир во Украина мора да го вклучи Киев.
Иако документот ѝ дава на Русија голем дел од она што го бара, би биле воведени и одредени нејасно дефинирани ограничувања за Москва. Од Русија би се очекувало да не напаѓа други држави и правно да ја запише политиката за ненапаѓање кон Европа.