text size
Претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса официјално го отвори историскиот самит на Г-20 во Јоханесбург со говор фокусиран на нееднаквоста, инклузивниот раст и улогата на земјите во развој во обликувањето на глобалната агенда.
„Јужна Африка се стреми да обезбеди приоритетите за развој на Глобалниот Југ и африканскиот континент да најдат израз - цврсто и трајно - на агендата на Г-20“, рече тој.
Тој го поздрави моментот како пресвртница за континентот, но исто така ја призна огромната одговорност што доаѓа со домаќинството на најмоќните економии во светот.
Рамафоса прикриено ги критикува САД и бојкотот на Г-20 од страна на претседателот Доналд Трамп. Самитот „испраќа важна порака: мултилатерализмот може и навистина дава резултати“, рече тој во својот говор.
Со тоа ги повтори коментарите од почетокот на оваа недела кога рече за САД: „Нивното отсуство е нивна загуба“.
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за бојкот фрли сенка врз самитот на групата земји Г-20. САД отворено се спротивставуваат на претседателството на Јужна Африка со Г-20 и нејзината основна агенда за солидарност, еднаквост и одржливост - дел од напорите на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса за поинклузивен светски поредок. Тоа е надополнето од неоснованите обвинувања на Трамп дека Преторија спроведува геноцид врз белите Африканци и експроприра земјиште во нивна сопственост.
Дипломатскиот ќорсокак е особено непријатен со оглед на тоа што е првпат континентот да биде домаќин на Г-20, а Рамафоса треба му го предаде претседавањето на Трамп на крајот од оваа година. Тензиите меѓу двајцата мажи кулминираа на состанокот во Овалната соба во мај, годинава кога Рамафоса мораше да издржи омаловажување пред камерите од страна на Трамп. Американскиот претседател дополнително ја ескалираше тензијата велејќи дека тој лично нема да присуствува на самитот, а потоа одлучи САД целосно да го бојкотираат на настанот.
Кој дојде, кој не доаѓа?
Овогодинешниот Г-20 создава историја од две причини: Од позитивна страна, тоа е првиот африкански собир на групата. Помалку возбудливо, тоа е најмалку посетениот самит по пандемијата од Ковид. Трамп не е единствениот светски лидер што ќе отсуствува од самитот иако неговата земја е единствена што целосно го бојкотира настанот. Кинескиот претседател Шји Џјинпинг го испраќа премиерот Ли Кијанг, лидерите на Мексико и Аргентина исто така остануваат дома, а Индонезија го испраќа својот потпретседател Гибран Ракабуминг Рака.
Од друга страна, европските лидери, пак, ќе бидат присутни на самитот со полна сила. Се очекува францускиот лидер Емануел Макрон да му ја даде својата поддршка на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, а официјалните лица велат дека Париз е целосно усогласен со секој приоритет на јужноафриканското претседателство со Г-20, вклучувајќи ги критичните минерали и прашањата за долгот на земјите во развој. Макрон го гледа Г-20 како неопходна платформа за подлабока соработка меѓу западните сили и таканаречената Глобална јужна група на сили во развој. Францускиот претседател треба да ги покани тие лидери на самитот на Г-7 што ќе го организира во јуни.
Украина главна тема
Украина ќе биде главна тема на дискусиите, особено откако САД ги изненадија Европејците со мировен план од 28 точки за Русија, кој вклучува големи отстапки кон Москва. Европските сојузници на украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот се согласија да ги отфрлат клучните елементи од договорот. Лидерите на Германија, Франција и Британија се согласија дека вооружените сили на Украина мора да останат способни да го бранат својот суверенитет. Лидерите ќе се сретнат со претседателката на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, на маргините на Г-20 за да ги исцртаат следните чекори.
Малку историја
Формирана во 1999 година по азиската финансиска криза, Г-20 започна како неформален собир на министри за финансии и гувернери на централни банки за да разговараат за прашања од финансиската и економската стабилност. Од глобалната финансиска криза во 2008 година, групата еволуираше во годишен самит на лидери.
Членовите на Г-20 се мешавина од најбогатите и најголемите земји во развој: Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Република Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Турција, Велика Британија, САД, Европската унија и Африканската унија.
Нема постојан секретаријат или седиште, туку членовите се менуваат секоја година за да го држат претседателството со групата. Ова ќе биде последната година по некое време кога земја во развој го води Г-20: од 2022 година, Индонезија, Индија, Бразил, а сега и Јужна Африка беа домаќини. САД ќе го преземат претседателството следната година.
Самитот обично кулминира со заедничка декларација од страна на членовите. Сепак, донесените одлуки не се обврзувачки.
*Надополнето на почетокот на текстот во делот на говорот на претседателот на Јужна Африка