text size
Бенин тврди дека спречил обид за државен удар, откако група воени офицери тврдеа дека го отстраниле претседателот Патрис Талон од власт и ја распуштиле владата само неколку месеци пред закажаните избори во западноафриканската нација.
Министерот за внатрешни работи, Аласан Сеиду, рече дека ситуацијата е обид за дестабилизација на државата и нејзините институции и дека вооружените сили ја ставиле ситуацијата „под контрола“.
Утрово, војниците кои се нарекуваат себеси Воен комитет за реформација изјавија дека ја презеле контролата како одговор на влошувањето на безбедноста на северот од земјата, лошото економско управување и „широко распространетите злоупотреби под администрацијата на Талон“.
Прочитај повеќе
Државен удар во Бенин - војниците тврдат дека ја презеле власта
Група воени офицери во Бенин денеска излегоа со тврдење дека го отстраниле претседателот Патрис Талон од власт и ја распуштиле владата.
07.12.2025
Талон, кој не се појави ниту коментираше за обидот за државен удар, е безбеден и армијата ја враќа контролата, според лице запознаено со ова прашање. Доколку обидот беше успешен, Бенин ќе беше деветтата земја во регионот што доживеа државен удар од 2020 година.
Талон, кој инаку е поранешен бизнисмен, обезбеди втор мандат во 2021 година со поддршка од 86 проценти од гласовите откако на лидерот на главната опозициска партија и поранешен претседател Томас Бони Јаји му беше забрането да се кандидира. Тој треба да се повлече во 2026 година и го избра министерот за финансии Ромуалд Вадањи, на кого му се припишуваат силните економски перформанси на Бенин, за свој наследник за априлските избори.
Државата Бенин, која е една од најголемите производители на памук во Африка, се обиде да ја диверзифицира економијата, која инаку порасна за 6,7 проценти во 2024 година, а за 6,4 отсто претходната година, според податоците на Светската банка. Тој очигледен економски напредок се одвиваше паралелно со апсењето на политичките противници и растечкиот исламистички бунт на северот од земјата. Таа останува една од најсиромашните земји во Африка, со БДП по глава на жител од околу 1.500 долари, според податоците од Меѓународниот монетарен фонд.
Бенин има околу 2,6 милијарди долари во еврообврзници со различни рокови на достасување, според податоците собрани од „Блумберг“.
Од 2020 година Хунтите ја презедоа контролата во појасот земји што се протега од Атлантскиот Океан до Црвеното Море, а Мали, Нигер, Гвинеја и Буркина Фасо се исто така под воена власт. Овие случувања се последица на економската слабост и слабото управување што поттикна фрустрација кај цивилите и ширење на екстремистичко насилство.
Bloomberg Mercury
Војниците кои тврдат дека ја презеле контролата останаа во државната телевизиска станица околу 10 часот утрово по локално време, држејќи го персоналот како заложник додека Националната гарда ја опколи зградата. Сите институции и активности на политичките партии во Бенин се суспендирани, а границите се затворени до понатамошно известување за состојбата, рекоа војниците, додавајќи дека ќе се почитуваат меѓународните обврски на земјата и човековите права.
Жителите на Котону, економски главен град на африканската држава Бенин, изјавија дека рано утрово слушнале истрели во градот, а полицијата и војската биле позиционирани на стратешките раскрсници и околу пристаништето, што довело до неизвесност околу ситуацијата. Француската амбасада соопшти дека истрели можеле да се слушнат во близина на претседателската резиденција околу осум часот наутро во недела, според објава на официјалниот профил на Фејсбук.