Американскиот претседател Доналд Трамп го тужел „Би-би-си“ (BBC) за најмалку 10 милијарди долари поради несоодветна монтажа во документарец од минатата година, која остава впечаток дека тој во својот говор пред нападот на неговите приврзаници врз Капитол на 6 јануари 2021 година директно повикал на насилство.
Тужбата против „Би-би-си“ (British Broadcasting Corp.) е поднесена во понеделникот во федералниот суд во Мајами. Во тужбата се наведени две барања: едното за наводна клевета, а другото за обвиненија дека „Би-би-си“ го прекршил законот на Флорида за трговски практики. Трамп бара најмалку по пет милијарди долари отштета за секоја точка, со дополнителни трошоци. Александар Брито, адвокат на Трамп, потврди дека вкупниот износ на побараната отштета изнесува 10 милијарди долари. Некои медиуми, вклучувајќи го и „Блумберг њуз“ (Bloomberg News), првично известија дека тужбата е во вредност од 5 милијарди долари.
Трамп се закани со тужба откако претседателот на „Би-би-си“, Самир Шах, на 10 ноември призна дека монтирањето на снимката од говорот на Трамп, емитуван во рамките на емисијата „Панороама“ (Panorama) во 2024 година, погрешно создало „впечаток на директен повик за насилни акции“. Неколку дена подоцна јавниот сервис упати второ извинување, но го одби барањето на претседателот за исплата на отштета.
„Го тужам ‘Би-би-си’ затоа што ми стави зборови во уста“, изјави Трамп во понеделникот во Белата куќа. „Буквално ми ставија зборови во уста. Ме прикажаа како изговарам работи што никогаш не сум ги рекол“.
„Би-би-си“ не се огласи веднаш на барањето за коментар.
Документарецот остава впечаток дека Трамп на своите приврзаници им вели да „одат до Капитол“ и да „се борат докрај“ пред избувнувањето на немирите. Во реалноста, тој вели дека треба да „се поддржат нашите храбри сенатори и конгресмени“. Изјавата „борете се пеколно“ (fight like hell) потекнува од вториот дел на говорот.
Во тужбата се наведува дека таквата монтажа била „безобразен обид за мешање во изборниот процес и влијание на исходот од изборите на штета на претседателот Трамп“.
„Овој случај на манипулација – во форма на искривување на значењето и спојување сосема неповрзани делови од говорот – е дел од долгорочна шема на ‘Би-би-си’ за манипулирање со говорите на претседателот Трамп и за прикажување на содржината на лажен начин за да го наклеветат, вклучувајќи и измислување повик за насилство што тој никогаш не го упатил“, се наведува во тужбата, според зборовите на адвокатот на Трамп. „Би-би-си“ минатиот месец исполни дел од барањата на Трамп кога упати официјално извинување и ја повлече емисијата со наслов „Трамп: Втора шанса“ (Trump: A Second Chance), која беше емитувана една недела пред претседателските избори во 2024 година. Ова следуваше по неочекуваните ноемвриски оставки на генералниот директор на „Би-би-си“, Тим Дејви, и директорката на информативната програма Дебора Тернес неколку дена порано.
Трамп оцени дека одговорот на „Би-би-си“ е недоволен и минатиот месец го зголеми своето барање од една на пет милијарди долари, додека разговараше со новинари во претседателскиот авион „ер форс 1“ (Air Force One).
Bloomberg
Трамп има историја на поведување судски постапки против медиуми поради известување што претседателот го смета за неправедно или пристрасно. Користејќи ги судовите или заканувајќи се со нивното користење, како и авторитетот на неговата администрација, Трамп веќе изнуди значајни отстапки од некои од најголемите медиумски куќи во САД.
„Си-би-ес“ (CBS) се согласи да плати 16 милиони долари за да го заврши спорот со претседателот, кој ја обвини мрежата за мешање во изборите поради начин на кој емисијата „60 минути“ (60 Minutes) го монтирала цитатот од интервјуто со кандидатката за претседателка Камала Харис, за кој тој тврдеше дека ја направил повеќе кохерентна отколку што била.
„Еј-би-си“ (ABC) плати сличен износ за да го реши спорот во врска со погрешната изјава на водителот на вестите Џорџ Стефанопулос, кој рече дека Трамп бил „прогласен за виновен за силување“ во тужбата на Е. Џин Карол, иако поротата утврди само одговорност за сексуална злоупотреба. Поротата не го прифати тврдењето за силување.
Претседателот исто така има тужби во вредност од повеќе милијарди што и натаму се во тек на Флорида против „Њујорк тајмс“ (New York Times) и „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal) поради наводна клевета, што двете организации го негираат. „Тајмс“ е тужен за наводен образец на известување што им нанесува штета на брендот и угледот на претседателот, додека „Журнал“ е тужен за текст во кој се наведува дека Трамп во 2003 година испратил вулгарна роденденска порака до контроверзниот бизнисмен Џефри Епштајн. Сепак, постојат значајни правни разлики помеѓу тужбите против „Би-би-си“ и оние што Трамп претходно ги поднесувал против американските медиуми. Документарецот „Панорама“, кој е во центарот на спорот, никогаш не бил емитуван во САД, а програмата била географски блокирана на стриминг-платформата на „Би-би-си“.
Претседателот исто така ќе мора да докаже дека „Би-би-си“ дејствувал со „вистинска зла намера“ кон него при монтажата на документарецот, што претставува висок доказен праг за јавни личности, утврден со пресуда на Врховниот суд на САД од 1964 година за заштита на слободата на говорот.