Администрацијата на Трамп ја прекина програмата за лотарија за американска зелена карта, за која рече дека ја користел осомничениот за пукањето на универзитетот „Браун“, во кое е убиен професор од Технолошкиот институт од Масачусетс (МИТ).
Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем,во објава на X соопшти дека бара од Службата за државјанство и имиграција на САД да ја паузира лотаријата, официјално позната како Програма за визи за имигранти за разновидност.
Американските власти претходно го идентификуваа напаѓачот како Клаудио Мануел Невес Валенте, 48-годишен португалски државјанин, кој бил поранешен студент на „Браун“. Ноем посочи дека му била доделена зелена карта преку програмата за лотарија во 2017 година. Неговото тело беше пронајдено во четвртокот по очигледно самоубиство.
„На оваа ужасна личност никогаш не требало да ѝ се дозволи влез во нашата земја“, порача Ноем во објавата, додавајќи дека паузата ќе „осигури дека веќе нема да бидат повредени Американци од оваа катастрофална програма“.
Прекинувањето на програмата за лотарија, која доделува до 50.000 визи годишно, е најновиот чекор на претседателот Доналд Трамп за ограничување на имиграцијата, честопати како одговор на насилството што неговата администрација им го припишува на лабавите политики за имиграција.
Администрацијата претходно презеде строги мерки против имиграцијата претежно од земјите во развој откако еден авганистански државјанин беше осомничен дека пукал во двајца војници на Националната гарда во Вашингтон. Исто така е предложена такса од 100.000 долари за апликација за визи Х-1Б (H-1B), кои често ги користи технолошкиот сектор.
Администрацијата истовремено се залага за агресивно спроведување на имиграциските закони и продолжува со плановите за драматично проширување на капацитетите за притвор на имигранти, потенцијално користејќи до дваесетина магацински „мегацентри“ низ целата земја.