Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека морнарицата ќе изгради нов воен брод од класата „Трамп“, како дел од напорите на Белата куќа за модернизација на флотата, која со години е оптоварена со надминување на трошоците и доцнења.
На настанот одржан во луксузниот имот на Трамп, Мар-а-Лаго, беше прикажан постер со уметничка визуализација на елегантен воен брод, наречен „Непокорниот“ (USS Defiant), кој плови низ разбранувано море, со ласерски зрак што се испукува од палубата и чад што се издига од погодена цел во заднина.
Покрај бродот имаше фотографија од Трамп со крената тупаница – речиси идентична со пркосната поза што ја зазеде неколку минути по преживеаниот обид за атентат во 2024 година. На друг постер е прикажана визуализација на бродот како плови покрај Статуата на слободата.
Прочитај повеќе
Мистериозни експлозии на два санкционирани танкери во Црното Море
Танкерите се наоѓале на брегот на Турција
29.11.2025
Трамп вети енергетска доминација на Америка: Дали сè оди според планот?
Трамп ги користи сите сили на својата федерална администрација за да води политика на силна поддршка за фосилните горива, а истовремено ја повлекува поддршката за енергијата од ветер и сончева енергија.
21.12.2025
Трамп ја прекинува лотаријата за зелена карта
Неочекувана одлука на администрацијата на Трамп. Програмата за лотарија за зелена карта прекината поради неодамнешен фатален инцидент. Што следува понатаму?
19.12.2025
Доналд Трамп нареди блокада на санкционирани танкери за нафта во Венецуела
Со блокада на санкционирани танкери што превезуваат венецуелска нафта, Доналд Трамп директно удира врз економијата на земјата, која веќе се соочува со длабока финансиска криза и хиперинфлација.
17.12.2025
„Некои од нив остареа, се истрошија и станаа застарени, а ние ќе одиме во сосема спротивна насока“, изјави Трамп. „Американската морнарица ќе учествува во осмислувањето на овие бродови заедно со мене, бидејќи јас имам изразено чувство за естетика.“
Морнарицата паралелно работи и на нова флота, заснована на патролниот брод од класата „Леџенд“ (Legend), со цел да ја зајакне флотата на површински борбени бродови, која моментално е за една третина помала од потребното. Проектот беше објавен на 19 декември. Бродот е дел од програмата „ФФ-икс“ (FF(X)), а ќе го гради компанијата „Ејч-ај-ај“ (HII) со седиште во Њупорт Њуз, во сојузната држава Вирџинија.
Новите бродови се дел од иницијативата на Трамп наречена „Златна флота“, со која има цел да ја оживее американската бродоградба и да ги надмине недостатоците во помалите пловни единици, во обидот да ја засили конкуренцијата со Кина, каде што се одвиваат околу 53 проценти од глобалната бродоградба. САД градат само 0,1 отсто од бродовите во светот, покажува неодамнешна анализа на Центарот за стратешки и меѓународни студии.
САД немаат изградено борбен брод од 1940-тите години, откако, наместо тоа, се одлучија за изградба на носачи на авиони, помали разурнувачи и други бродови опремени со ракети со долг дострел, наместо со големи топови. Трамп изјави дека морнарицата би започнала со изградба на два вакви брода, со план бројот подоцна да се зголеми и до 25.
Сепак, почетокот на производството може да биде далеку. Првиот обид на Трамп за изградба на нова фрегата за време на неговиот претходен претседателски мандат заврши со значителни доцнења и надминување на буџетот. Првичниот план предвидуваше изградба на 20 пловни единици, но поради растечките трошоци и доцнењата во производството, амбициите на програмата беа драстично намалени.
Трамп претходно веќе го поврза своето име и со друг нов вооружен систем, стелт-леталото Ф-47 (F-47), како симбол на неговата позиција како 47. претседател. Тој исто така го стави своето име и на неодамна преименуваниот Центар за сценски уметности „Доналд Џ. Трамп и Џон Ф. Кенеди“, како и на Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“.
„Она што го научив е дека не само што идејата на претседателот е добра туку и дека тоа е нешто што на морнарицата очајно ѝ е потребно и за кое сега постои формално барање“, изјави секретарот на морнарицата Џон Фелан на настанот во Мар-а-Лаго. „Идниот борбен брод од класата ‘Трамп’, ‘Непокорниот’ (USS Defiant), ќе биде најголемиот, најсмртоносниот, најмултифункционалниот и најубавиот воен брод на кој било океан во светот.“
Состојбата на американската бродоградба значително заостанува зад кинеското темпо на производство, поради што администрацијата на Трамп го става во фокусот зголеменото инвестирање во бродоградбената индустрија, со цел да се намали производствениот јаз. Трамп годинава формираше нова канцеларија за бродоградба, со планови за воведување даночни поттикнувања за привлекување компании во САД.
Претседателската најава покажува дека морнарицата се обидува да ги искористи подготвеноста и интересот на администрацијата за бродоградбата и да ги насочи кон проекти што ѝ се реално потребни.
„Во ред, сакате да градите бродови – ајде да осмислиме нови бродови што треба да се изградат, бидејќи ако има пари и енергија, нека се насочат кон она што ѝ е потребно на морнарицата“, изјави Брајан Кларк, виш соработник во институтот „Хадсон“.
Бродовите од класата „Трамп“ се предвидени како замена за разурнувачите од класата „Арли Бурк“ (Arleigh Burke), кои имаат уште околу четири децении преостанат работен век и се опремени со борбениот систем „Ејџис“ (Aegis) за ракетна одбрана.