Федерален судија оцени дека администрацијата на Трамп може да продолжи со воведување такса од 100.000 долари за нови апликации за визи Х-1Б, што претставува удар за американските технолошки компании што се потпираат на вработување висококвалификувани странски работници.
Судијката од Окружниот суд на САД, Берил Хауел, во одлука донесена во вторникот наведе дека потегот на претседателот Доналд Трамп драстично да ја зголеми цената на оваа популарна виза е законски. Со одлуката ѝ се дава поттик на кампањата на администрацијата за ограничување на имиграцијата и зголемување на побарувачката за американска работна сила. Американската стопанска комора, која поднесе тужба со цел да ја блокира мерката, има право на жалба.
Хауел ги отфрли аргументите на Комората дека претседателот нема овластување да ја наметне таксата, оценувајќи дека неговата прокламација е донесена врз основа на „изречна законска одредба со која на претседателот му се доделува такво овластување“.
Прочитај повеќе
Трамп ја прекинува лотаријата за зелена карта
Неочекувана одлука на администрацијата на Трамп. Програмата за лотарија за зелена карта прекината поради неодамнешен фатален инцидент. Што следува понатаму?
19.12.2025
САД ќе воведат задолжителни проверки на социјалните мрежи за некои патници
Американските власти најавуваат дека патниците од безвизниот режим ќе мора да ја откријат својата историја на социјалните мрежи, што е дел од серијата построги мерки воведени во последниот период.
10.12.2025
Бројот на странски студенти во САД опаѓа четврти месец по ред, најпогодена е Азија
Вкупниот број на пристигнувања во САД со студентски визи се намали за 28 проценти, на нешто помалку од 79.000, што е најголемиот месечен пад годинава.
19.08.2025
Скапа е нуклеарната енергија, а и американските визи - пет вести на денот
„Блумберг Адрија“ ви претставува преглед на најважните вести што треба да ги знаете денеска...
22.09.2025
„Во овој случај Конгресот му доделил на претседателот широко законско овластување, кое тој го искористил за да издаде прокламација со која, на начин што самиот го смета за соодветен, се справува со проблем што го перципира како прашање од економска и национална безбедност“, напиша таа.
Дерил Џосефер, извршен потпретседател на Американската стопанска комора, во соопштение наведе дека таксата од 100.000 долари ги прави визите Х-1Б финансиски неисплатливи.
„Разочарани сме од одлуката на судот и разгледуваме понатамошни правни опции за да обезбедиме програмата за визи Х-1Б да функционира како што замислил Конгресот – да им овозможи на американските компании од сите големини пристап до глобалниот талент што им е потребен за раст на нивното работење“, изјави Џосефер.
Програмата за визи Х-1Б е еден од темелите на имиграцијата заснована на вработување, овозможувајќи им на компаниите во САД да ангажираат високообразовани странски работници за специјализирани занимања. Во септември Трамп потпиша прокламација со која се зголемува таксата за аплицирање, со цел да се обесхрабрат компаниите од, како што тврди тој, злоупотреба на програмата што доведува до истиснување на американските работници.
Визите Х-1 се доделуваат преку лотариски систем, но најчесто се користат во технолошката индустрија. „Амазон“ (Amazon), „Тата“ (Tata Consultancy Services Ltd.), „Мајкрософт“ (Microsoft), „Мета“ (Meta Platforms Inc.) и „Епл“ (Apple Inc.) се меѓу компаниите со најголем број одобрени визи Х-1Б, покажуваат податоците на американската влада.
Американската стопанска комора, најголемата бизнис-лобистичка организација во земјата, во тужбата поднесена во октомври тврдеше дека зголемувањето на таксата е незаконско, бидејќи ја поткопува федералната имиграциска регулатива и ги надминува овластувањата што Конгресот ги доделил за утврдување на висината на таксите.
И група од 19 државни јавни обвинители ја оспорува прокламацијата на Трамп. Нивната тужба е фокусирана на очекуваното влијание врз јавниот сектор, особено во здравството и образованието, кои исто така во голема мера се потпираат на програмата за визите Х-1Б. Посебна тужба поднесе и глобална агенција за ангажирање медицински сестри.
Случајот е „Американската стопанска комора против американското Министерство за внатрешна безбедност“, предмет 25-cv-03675, пред Окружниот суд на САД за дистриктот Колумбија (Вашингтон).