Напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да посредува во ставање крај на војната во Украина се соочија со нови компликации, откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе ја ревидира преговарачката позиција на Москва. Причина за тоа, според Кремљ, е наводен украински напад со дронови врз резиденцијата на Путин.
Според руските власти, Путин го информирал Трамп за оваа одлука во телефонски разговор во понеделникот. Киев, пак, остро ги демантираше обвинувањата, оценувајќи ги како фабрикација со цел да се наруши мировниот процес.
Трамп, кој им се обрати на новинарите во Флорида, потврди дека Путин му зборувал за наводниот напад. Американскиот претседател изјави дека е „многу лут“, при што се чинеше дека зазема страна на рускиот лидер.
Прочитај повеќе
Мир без временска рамка: Ќе донесе ли новата година крај на четиригодишната војна во Украина
Одговараме на клучните прашања: територијалниот интегритет на Украина и иднината на Донбас
30.12.2025
Што би изгубила Украина со мировен договор со Русија?
Дали мирот во Украина значи губење една петтина од нејзината територија? Кој навистина одлучува за границите и зошто Донбас и Крим се клучни во договорот што може да ја редефинира европската безбедност...
29.12.2025
Трамп: Голем напредок во разговорите со Зеленски
Доналд Трамп изјави дека постигнал „голем напредок“ во разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски во обидот за постигнување мировен договор за завршување на руската инвазија.
28.12.2025
„Едно е да се биде офанзивен, затоа што тие се офанзивни. Сосема друго е да се нападне неговата куќа. Ова не е вистинско време за такви работи“, изјави Трамп.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли руските тврдења како „нова лага“ и предупреди дека Москва може да ги користи како изговор за подготовка на напади врз владини објекти во Киев.
Според помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, Путин му рекол на Трамп дека Русија и понатаму има намера да соработува со САД на мировните напори, но ќе преиспита дел од претходно постигнатите договори. Двајцата лидери се согласиле да го продолжат дијалогот.
Bloomberg
Разговорот меѓу Путин и Трамп, втор во рок од два дена, доаѓа по интензивна дипломатска активност на крајот од годината. Трамп настојува да обезбеди решение за војната што започна со руската инвазија врз Украина во 2022 година, исполнувајќи го ветувањето дека ќе работи на мир уште од првиот ден од неговиот нов мандат. Иако Белата куќа разговорот го опиша како „позитивен“, останува нејасно дали САД се поблиску до конечен договор.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Украина наводно се обидела да ја нападне претседателската резиденција во Новгородската област со 91 дрон и дека Русија ќе возврати, при што целите веќе биле одредени. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ги нарече овие тврдења лажни и насочени кон оправдување на продолжувањето на војната.
Овој развој на настаните претставува значителен пресврт во однос на неделата, кога Зеленски и Трамп се сретнаа во Флорида и изразија умерен оптимизам за мировен договор. Иако не беше постигнат конкретен пробив, Трамп зборуваше за „голем напредок“, додека Зеленски изјави дека мировниот план е „90% усогласен“.
Во интервју за „Фокс њуз“, Зеленски повтори дека околу 90% од договорот е усогласен, но нагласи дека контролата врз териториите останува едно од најголемите отворени прашања. Тој истакна дека не му верува на Путин и дека Русија не сака успех за Украина.
Меѓу клучните нерешени прашања се иднината на регионот Донбас, барањата на Русија за територии што не ги контролира целосно, како и гаранциите против идно проширување на НАТО. Дополнително, Москва бара укинување на санкциите и јасност околу замрзнатите руски државни средства во западните земји.
Украина најави дека во јануари ќе побара средба со европските партнери и со Трамп, а потоа и посебни разговори со руски претставници, во обид да се продолжи процесот кон евентуален мировен договор.