Компаниите масовно се обраќаат до судовите за да ги оспорат увозните давачки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, откако Врховниот суд почна да поставува остри прашања.
Со оглед на тоа што Врховниот суд на САД би можел да одлучи за судбината на поголемиот дел од царините на претседателот Доналд Трамп уште в петок, стотици компании веќе се подготвуваат со надеж дека ќе си вратат дел од милијардите долари платени давачки досега.
Прочитај повеќе
Швајцарскиот извоз на часовници падна во октомври поради американските царини
Швајцарските производители на часовници влегуваат во тежок период. Високите американски царини го намалија извозот, а продажбите на најголемиот пазар нагло паднаа.
20.11.2025
Трамп најавува намалување на тарифите и нови трговски договори за поевтина храна
Трамп најави пониски царини и пошироки трговски договори со неколку земји од Латинска Америка, со фокус на намирници како говедското месо, кафето и бананите, во обид да се ублажи растот на цените во САД.
14.11.2025
Извозниците бараат од Моди итни мерки против тарифите на Трамп
Индиските извозници бараат итна владина поддршка по воведувањето на 50-процентните американски тарифи, кои ги погодија текстилот, кожарството и накитот.
04.11.2025
Сите очи кон Врховниот суд: Ќе стане ли „Денот на ослободувањето“ најголемо фијаско на Трамп?
Трамп официјално побара Врховниот суд брзо да се изјасни по жалбата поради што конечната судбина на повеќето од царините би можела да се знае многу побрзо од очекуваното.
05.09.2025
Новите царини на Трамп прогласени за нелегални од Апелацискиот суд на САД
Федералниот апелациски суд ја потврди одлуката на понискиот суд, што е чекор напред кон укинување на „реципрочните“ тарифи.
30.08.2025
Бес во Индија откако Трамп ги удвои царините на 50 проценти
Трамп потпиша извршна наредба со која се воведува царина од 25 проценти за индискиот увоз, која ќе се додаде на царината од 25 проценти што ја објави минатата недела
07.08.2025
По повеќе поминати месеци, во последните недели бран компании од целиот глобален економски спектар поднесоа тужби, откако судиите на расправата на 5 ноември беа скептични кон клучната трговска политика на Трамп. Судските записи покажуваат дека во правната битка сега се вклучени повеќе од 1.000 корпоративни субјекти, што најавува невидена правна пресметка околу тоа што следува доколку администрацијата ја загуби постапката.
Пресуда против новиот начин на кој претседателот го применува законот за вонредни овластувања од 1977 година би отворила нов круг спорови за тоа кој има право на поврат на средства и како ќе функционира тој процес. Трамп во ноемвриска објава на социјалните мрежи предупреди дека обврската за исплата на поврати „би била катастрофа за националната безбедност“.
„Имаме голем случај пред Врховниот суд. Се надевам дека ќе го направат она што е добро за нашата земја. Се надевам дека ќе ја донесат вистинската одлука. Претседателот мора да има можност флексибилно да преговара со царините“, изјави Трамп во вторникот, обраќајќи им се на републиканците во Претставничкиот дом.
Дури и ако Врховниот суд ги прогласи царините за незаконски, судиите најверојатно ќе го остават прашањето за повратите на пониските судови. Доколку Управниот суд за меѓународна трговија на САД – главната институција за вакви спорови – го води процесот, секој увозник што сака да си ги врати парите ќе мора да поднесе тужба. Според последниот извештај на администрацијата, заклучно со 14 декември, под вонредното овластување биле наплатени околу 133 милијарди долари давачки.
Првиот термин годинава кога Врховниот суд ќе објави одлуки е в петок, но судиите не ги најавуваат предметите однапред, па не е јасно дали меѓу нив ќе има и одлука за царините.
Во април само неколку мали компании и коалиција на сојузни држави ги поднесоа првичните тужби против царините што сега се пред Врховниот суд. Тие ги оспоруваат таканаречените „царини за Денот на ослободувањето“, наменети за справување со трговските дефицити, како и посебните давачки воведени за спречување на трговијата со фентанил. Неодамнешниот бран на тужби се надоврзува на тие претходни случаи.
До 6 јануари биле поднесени најмалку 914 предмети – речиси сите по ноември. Вкупниот број на вклучени компании е уште поголем, бидејќи некои тужби опфаќаат повеќе корпоративни субјекти што поединечно платиле давачки за стоки што влегле во земјата.
Тужбите против царините нагло се зголемија по расправата во Врховниот суд
Стотици предмети поднесени по сослушувањето, пред истекот на царинскиот рок
Bloomberg
Јавно тргувани компании, меѓу кои „Костко“ (Costco Wholesale Corp.), „Есилор луксотика“ (EssilorLuxottica SA) и „Гудјиар“ (Goodyear Tire & Rubber Co.), се меѓу бранот фирми што поднесуваат тужби за поврат на средства. Само во првите денови од 2026 година десетици субјекти, вклучувајќи ги „Дол фреш фрут“ (Dole Fresh Fruit Co.), „Е.л.ф.“ (e.l.f. Cosmetics Inc.) и „Џ. кру“ (J. Crew Group LLC), поднесоа тужби.
„Сите масовно се приклучуваат во постапката“, изјави Џон Векионе, висок советник за судски постапки во „Њу цивил либертис“ (New Civil Liberties Alliance), организација што се бори против пречекорување владини овластувања и која од почетокот беше вклучена во судските спорови за царините. „Мило ми е што го прават тоа, но би сакал да беа тука уште од самиот почеток.“
Меѓу тужителите сега има и подружници на големи домашни и странски компании, како американскиот производител на алуминиум „Алкоа“ (Alcoa Corp.), јапонските доставувачи на автомобилски делови „Јокохама рабр“ (Yokohama Rubber Co.) и „Кавасаки“ (Kawasaki Heavy Industries Ltd.), како и кинеската соларна компанија ЛГЕТ (LONGi Green Energy Technology Co.).
Се приклучуваат и познати потрошувачки брендови: производителите на патики „Рибок“ (Reebok) и „Пума“ (Puma), модниот бренд „Томи Џон“ (Tommy John), производителот на камери „Гопро“ (GoPro), компаниите за лична нега „Шик“ (Schick) и „Плејтекс“ (Playtex), козметичките брендови „Ревлон“ (Revlon) и „Конер“ (Conair), како и прехранбените производи „Бамбл би“ (Bumble Bee) и „Дел Монте“ (Del Monte Fresh Produce).
„Едноставно мораш да поднесеш тужба само за да се слушне твојот глас“, наведе во интервју Ханс Хајм, извршен директор на „Ајбис сајклс“ (Ibis Cycles Inc.) од Санта Круз, Калифорнија. „Мислам дека сите се плашат да не го свртат вниманието кон себе и вака или онака да го навлечат гневот на владата.“
„Ајбис“, која увезува делови од Виетнам и Тајван за производство на велосипеди од висока класа, вклучувајќи и во една од своите фабрики во САД, во 2025 година платила 800.000 долари царини. Компанијата поднела тужба на 4 декември.
За време на расправата во ноември, клучни членови на Врховниот суд изразија скепса дека Трамп имал овластување да се повика на Законот за меѓународни економски вонредни овластувања од 1977 година за воведување глобални царини. Сепак, и натаму постои можност конзервативното мнозинство, кое повеќепати ја поддржувало администрацијата, да ги потврди царинските политики на Трамп.
Ерик Смитвајс, трговски адвокат што застапува многу од новите случаи поврзани со царините, изјави дека некои компании, особено оние со поголем јавен профил, биле претпазливи од „политички последици“ доколку први истапат кога царините стапија во сила во текот на пролетта 2025. Тој одби да открие имиња на компании.
За други, политиката не била клучна грижа, но сакале да почекаат и да видат како ќе се одвиваат аргументите пред Врховниот суд, додаде тој.
Bloomberg
Некои компании сè уште се воздржани да се соочат со администрацијата на Трамп, изјави Смитвајс, но како што се приближуваше крајот на годината така растеше притисокот да се преземе секој можен чекор за да се обезбеди поврат на средства доколку судот ги прогласи давачките за незаконски. Тоа вклучува и поднесување тужби, во случај евентуалниот процес на поврат да се одвива преку судскиот систем.
Трговскиот суд минатиот месец го одби барањето на десетици компании да се суспендира тековниот процес на Царината и граничната заштита за конечно утврдување на износите на царините при увоз, познато како „ликвидација“. Судот ги прифати гаранциите на владата дека администрацијата нема да го користи процесот на ликвидација како основа подоцна да се спротивстави на судски одлуки со кои би се наложило повторно пресметување на царините и исплата на поврати, доколку политиките на Трамп бидат поништени.
Администрацијата на Трамп сигнализираше дека има намера повторно да воведе поголем дел, ако не и сите царини на претседателот, користејќи други законски овластувања доколку Врховниот суд му забрани да се повика на Законот за вонредни овластувања. Тоа ги вклучува и одредбите за национална безбедност, кои Трамп веќе ги користеше, на пример, за воведување на царините за челик. Но тие механизми би биле посложени. Нов обид за воведување сеопфатни глобални давачки би можел да ја изложи администрацијата на дополнителни правни предизвици.
Американските царински власти, според поднесок до судот од страна на владата, до 10 декември наплатиле царини поврзани со примената на Законот за вонредни овластувања од страна на претседателот Доналд Трамп од повеќе од 301.000 увозници, низ вкупно 34 милиони пратки стоки што влегле во земјата. Овие уплати сочинуваат значаен дел од повеќе од 200 милијарди долари за кои американската влада тврди дека ги наплатила минатата година како резултат на поширокиот пакет царински мерки на Трамп.
Портпарол на Царината и граничната заштита на САД соопшти дека агенцијата ќе продолжи да ги спроведува царините во согласност со важечките американски закони, прописи и извршни дејства, вклучувајќи го и конечното утврдување на износите на давачките.
Со цел да направи пресек на компаниите што се приклучуваат во судската битка околу царините, „Блумберг“ анализирал 327 корпоративни тужители што до средината на декември поднеле тужби за поврат на средства и ги класифицирал врз основа на податоци собрани од „Блумберг“. За идентификација на дел од матичните компании на субјектите наведени како тужители биле користени и судски записи и други јавно достапни информации.
Резултатите го покажуваат широкиот опфат на индустрии погодени од царинските политики на Трамп, како и компаниите што јавно истапуваат против нив, обложувајќи се на одлуката на Врховниот суд на САД за да си ги повратат платените царини.
Компаниите што ги оспоруваат царините на Трамп доаѓаат од потрошувачките и индустриските сектори
Корпоративни субјекти што поднесуваат тужби пред одлуката на Врховниот суд
Bloomberg
Производителите и дистрибутерите на облека и текстил, како и автомобилската индустрија, доминираат меѓу поднесените тужби, заедно со компании што произведуваат индустриска и електрична опрема. Тужби поднесоа и трговци на мало и големо што продаваат сè – од опрема за риболов на мраз и шминка до декорација за домот и компјутерски делови.
Компаниите што бараат поврат на средства речиси целосно се со седиште во САД. На 327 компании анализирани од „Блумберг“ седиштата им се распоредени низ речиси триесетина сојузни држави, при што Њујорк и Калифорнија доминираат во судските предмети. Дополнителни десетина тужители се со седиште во странство, во Канада, Сингапур и неколку европски земји.
Поголемиот дел компании што поднесуваат тужби се приватни. Повеќе од десетина од тужителите што ги разгледа „Блумберг“ се јавно тргувани компании, меѓу кои „Борг Ворнер“ (BorgWarner Inc.), „Стендекс“ (Standex International Corp.), „Теладок хелт“ (Teladoc Health Inc.), „Муг“ (Moog Inc.), „Астроникс“ (Astronics Corp.), „Костко“, „Џ-3“ (G-III Apparel Group Ltd.), „Иноватив“ (Innovative Eyewear Inc.), „Лајфтајм брендс“ (Lifetime Brands Inc.), „Плексус“ (Plexus Corp.), „Гудјиар“ и „Вејко“ (Weyco Group Inc.). Претставниците на овие компании одбиле да дадат коментар или не одговориле на повеќекратните барања за изјава.
Локација на американските компании што бараат поврат на царините на Трамп
Пресекот на тужбите покажува географска разновидност на бизнисите
Bloomberg
Околу една четвртина од корпоративните тужители имаат матични компании со седиште во странство, што го покажува глобалниот влог на одлуката на Врховниот суд. Во одредени случаи, како тужители биле наведени повеќе американски подружници на иста матична компанија, бидејќи секој увозник има право да тужи за поврат на средствата што ги платил.
Пониските судови минатата година во низа одлуки утврдија дека царините се незаконски, но ѝ дозволија на администрацијата да продолжи со нивна примена додека трае правната битка.
„Работев многу напорно за да го изградам овој бизнис од нула“, изјави Марвина Робинсон, основачка и извршна директорка на БСЦ (B. Stuyvesant Champagne LLC) од Бруклин, Њујорк. Таа поднела тужба на 4 ноември за да си врати 78.000 долари платени за царини во 2025 година. Неочекуваниот трошок резултирал со помал број вработувања за време на празничната сезона, увоз на помал број шишиња од Франција и зголемување на цените од два до седум долари по шише.
Важно е, вели Робинсон, да се покаже дека „бизнисите нема само да стојат настрана и да прифаќаат сè“.
Иако неодамнешниот пораст на големи корпорации што ги оспоруваат царините е добредојден, некои од првичните тужители изразија фрустрација што големи, финансиски моќни компании се подготвени да имаат корист од нивната работа.
„Сите останаа надвор од борбата затоа што претседателот е многу моќен и тоа им го става до знаење на оние што го оспоруваат“, изјави Сара Олбрехт, претседателка на управниот одбор на Центарот за правда и слобода (Liberty Justice Center), организација од јавен интерес, која води еден од предметите пред Врховниот суд. Судската постапка, рече таа, ја чинела непрофитната организација речиси двојно повеќе од нејзиниот годишен буџет од 3,5 милиони долари.
Олбрехт изјави дека побарала финансиски придонес од „Костко“ откако „Блумберг“ објави дека компанијата поднела тужба. Според електронска преписка што ја разгледал „Блумберг“, главниот правен советник на компанијата одбил, наведувајќи дека судската постапка не се совпаѓа со нивниот филантропски фокус на образованието и здравството. Портпаролот на „Костко“, Гери Милерчип, одби да коментира.
Постои и преседан за масовни поврати. Американскиот трговски суд воспостави процес за побарувања откако Врховниот суд во 1998 година го поништи данокот за одржување пристаништа за извозниците како неуставен. Според судското мислење и тогашните медиумски извештаи, таа правна битка опфатила околу 4.000 предмети пред трговскиот суд и 750 милиони долари платени даноци.
Засега, царинските посредници и адвокатите ги советуваат компаниите барем да ја средат увозната документација за можен процес на поврат, дури и ако сè уште не е јасно како точно ќе изгледа сето тоа.
„Кога клиентите прашуваат ‘дали треба да поднесеме тужба’, никому не можам да му кажам што ќе се случи за три месеци“, изјави Смитвајс.