Унгарија му одобри азил на поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро, потег што веројатно ќе ги зголеми тензиите меѓу Варшава и Будимпешта.
Полските пратеници во ноември му го одзедоа парламентарниот имунитет на Зиобро. Тој е обвинет за злоупотреба на јавни средства во време кога беше министер за правда во рамките на националистичката влада, чии лидери се сојузници на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Зиобро негираше какво било кривично дело.
„Одлучив да го прифатам азилот што ми го додели владата на Унгарија поради политичкиот прогон во Полска“, наведе Зиобро во својата денешна објава на мрежата X. „Изразувам искрена благодарност до премиерот Виктор Орбан.“
Во Полска случајот против Зиобро е најзначајниот пример за настојувањето на премиерот Доналд Туск да ги повика функционерите на поранешната националистичка влада на одговорност за наводна злоупотреба на моќта. Тој обид стана дел од ескалацијата на политичката борба со националистичката опозиција, поддржана од претседателот Карол Навроцки.
За Будимпешта, овој потег доаѓа пред клучните парламентарни избори на кои партијата на Орбан заостанува во повеќето анкети и би можела да се соочи со соборување по повеќе од 15 години на власт. Унгарскиот премиер, близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, се обиде да изгради сојузи и со други популистички политички групи низ Европа, вклучувајќи и во Полска.
„Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, нагласи дека храброто водство на премиерот Орбан и непоколебливата одбрана на принципите ја направија Унгарија пример за светот - земја на вера, семејство и суверенитет“, наведе Зиобро во објавата.
Координаторот на полските специјални служби, Томаш Симонијак, ја критикуваше одлуката за азил на Унгарија. „Тоа е совршено резиме на кариерата на Зиобро - поранешен министер за правда што избега како кукавица од полското правосудство“, напиша денеска тој на мрежата X.