Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека воведува царина од 25 отсто за стоки од земји што имаат економска соработка со Иран, зголемувајќи го притисокот врз владата во Техеран, која е потресена од масовни протести.
Трамп во понеделникот објави на социјалните мрежи дека новата давачка ќе стапи во сила „веднаш“, без да даде детали за опфатот или начинот на спроведување на мерката. Потегот има потенцијал да ги наруши големите трговски односи на САД низ светот. Партнери на Иран не се само соседните земји туку и големи економии како Индија, Турција и Кина.
„Секоја земја што има економска поврзаност со Исламската Република Иран ќе плати царина од 25 отсто за секој и секаков бизнис што се одвива со Соединетите Американски Држави. Оваа одлука е конечна и обврзувачка“, рече тој.
Прочитај повеќе
Трамп вели дека САД разгледуваат силни опции за Иран, расте бројот на жртви на протестите
Опциите вклучуваат воени напади, сајбер оружје и санкции врз Техеран.
12.01.2026
Техеран со закана до САД и Израел: Држете се понастрана од протестите
Иранскиот режим вели дека протестите и насилството се поттикнати од странска интервенција и ја повтори готовноста да делува жестоко против потенцијални закани...
11.01.2026
Трамп: Америка ќе ги брани иранските демонстранти
Претседателот Доналд Трамп вети дека САД ќе им излезат во помош на иранските демонстранти доколку бидат нападнати од властите на Исламската Република.
02.01.2026
Стравот од санкции привремено ги кочи испораките на руска нафта кон Кина
Санкциите врз кинеските пристаништа и руските производители го ограничуваат протокот на нафта, оставајќи милиони барели од Иран и Русија да стојат на море без купувачи.
18.11.2025
Што ќе направи светот во врска со ураниумот на Иран?
Со тоа што не ги земаат предвид или не ги уништуваат резервите од нуклеарно гориво, Израел и САД му дадоа на Иран адут за преговарање во какви било потенцијални преговори за тоа што ќе се случи следно.
05.08.2025
Bloomberg
Американскиот претседател веќе воведе давачки до 50 отсто за индиски стоки поврзани со купувањето руска нафта. Двете страни со месеци работеа на финализирање договор што на Њу Делхи би му го обезбедил долго посакуваното олеснување на царините.
Дополнителна царина од 25 отсто за производи од Пекинг ризикува да го наруши трговското примирје што Трамп го договори со кинескиот претседател Шји Џјинпинг кон крајот на минатата година. Кина е најголемиот светски купувач на иранска сурова нафта, а независните рафинерии во земјата, заклучно со минатиот месец, го зголемуваа увозот на оваа нафта.
Над заканата виси и претстојната одлука на Врховниот суд на САД за законитоста на глобалните царини на Трамп. Доколку судиите пресудат против него, тоа би можело да ја ограничи неговата способност брзо да воведува давачки за партнерите на Иран. Се очекува судот да ја објави одлуката в среда.
Иран веќе со недели е зафатен од масовни немири, кои првично беа поттикнати од валутната криза и влошените економски услови, но сè повеќе се насочени кон режимот. Тоа прерасна во најголем предизвик за владејачкиот систем на Исламската Република од 1979 година.
Иако режимот на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, и претходно успеваше да ги надмине протестите, демонстрациите сега се шират и, според некои процени, за време на викендот привлекоа стотици илјади луѓе низ целата земја. Иранските власти настојуваат да ги задушат протестите, при што досега се убиени повеќе од 500 лица и извршени над 10.000 апсења, покажуваат податоците на новинската Агенција на активистите за човекови права.
Трамп отворено ги поддржа демонстрантите и го предупреди Техеран да не ги задушува насилно протестите. Во интервју за „Фокс њуз“ тој минатата недела изјави дека САД ќе го погодат Иран „многу силно“ доколку продолжи да пука врз демонстрантите.
Во неделата тој им рече на новинарите дека иранското раководство стапило во контакт за да побара разговори и дека се подготвува средба, без да открие детали за терминот. Сепак, Трамп рече дека неговата администрација разгледува можни опции и дека координира со сојузниците во одговорот кон Иран.
„Го разгледуваме ова многу сериозно. Војската го разгледува, и ние разгледуваме некои многу силни опции“, им рече Трамп на новинарите. „Добивам извештај на секој час и ќе донесеме одлука.“
Трамп бил информиран за низа опции за воени удари во Иран, вклучувајќи и цели што не се од воен карактер, изјави претставник на Белата куќа за време на викендот. Според истиот извор, кој побара да остане анонимен, американскиот претседател сериозно размислува да одобри напад.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи отворил канали за комуникација со блискоисточниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, соопшти во понеделникот портпарол на министерството.
Иран ги предупреди САД и Израел, кои минатата година координирано извршија удари врз нуклеарни објекти во земјата, да не се обидуваат да интервенираат. Техеран и Вашингтон со децении немаат формални дипломатски односи.
Заканите на Трамп кон Иран го држат регионот во состојба на зголемена неизвесност, особено по американскиот удар во Венецуела, уште една богата земја со нафта, по кој беше приведен поранешниот претседател Николас Мадуро. Потенцијална интервенција на САД или на нивниот сојузник Израел би можела да ги вовлече и соседните држави во кризата и да го доведе во прашање пристапот до Ормускиот Теснец, клучен поморски коридор за глобалниот енергетски извоз.