Германија ќе ја преземе водечката улога меѓу европските земји што испраќаат воен персонал во Гренланд, откако Данска соопшти дека нејзината средба со високи американски претставници, кои имаат намера да ја преземат контролата врз најголемиот остров во светот, покажала дека и натаму постои „фундаментално несогласување“.
Одлуката за испраќање засилувања на арктичката територија, уште во текот на оваа недела, ја нагласува итноста со која европските земји настојуваат да одговорат на заканите од САД поврзани со Гренланд. Средбата на министрите за надворешни работи на Данска и на Гренланд со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во Вашингтон не успеа да го отстрани стравот од можно американско преземање.
Во текот на денот германската „истражувачка мисија“ составена од 13 војници ќе пристигне во Нук, додека европските земји почнуваат да ги утврдуваат начините за гарантирање на безбедноста во регионот. Нивната задача ќе биде да ги испитаат рамковните услови за можни воени придонеси за поддршка на Данска во гарантирањето на безбедноста, вклучувајќи и преку капацитети за поморски надзор, се наведува во соопштението на германското Министерство за одбрана.
Прочитај повеќе
Гренланд и Данска се подготвуваат за клучен состанок за смирување на Трамп
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и неговата колешка од Нук, Вивијан Мотцфелд, денеска во Белата куќа ќе се соочат со потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, и државниот секретар Марко Рубио.
14.01.2026
Гренланд на берзите: како една изјава на Трамп ги запали пазарите?
Изјавите на Доналд Трамп за преземање на Гренланд го претворија оддалечениот арктички остров во неочекувана берзанска тема, кревајќи ги акциите на банките и компаниите поврзани со таа територија.
13.01.2026
Што повеќе сакаат жителите на Гренланд - Данска или САД?
Гренланд е во центарот на глобалната политика додека Трамп повторно ја отвора идејата за преземање на островот, а Данска се обидува да ја заштити својата позиција. Гренланѓаните се растргнати помеѓу желбата за независност, стравот од САД и сложениот однос со Данска.
10.01.2026
Франција предупредува дека Европа е под закана од САД
Франција ги обвини САД дека користат трговска принуда и санкции за да го ослабат европското единство и суверенитет.
09.01.2026
Трамп не ја исклучува можноста за стекнување на Гренланд со воена сила
Трамп разгледува многу начини за постигнување на својата цел за стекнување на арктичкиот остров, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
07.01.2026
И Франција ќе учествува во заедничките воени вежби во Гренланд оваа недела, соопшти прес-службата на Министерството за одбрана, без да наведе дополнителни детали.
Дополнително, Шведска испраќа „неколку офицери“, Норвешка две лица, а Обединетото Кралство еден офицер. Извидничката група го посетува островот во пресрет на планираната воена вежба „Арктичка издржливост“ (Arctic Endurance), изјави британскиот министер за одбрана Џон Хили пред новинарите во Шведска. Данска во средата соопшти дека вежбата со сојузниците од НАТО ќе стане постојана активност.
Европските делегации што се испраќаат во Гренланд, по барање на Данска, се сигнал дека Данците сакаат да му покажат на Трамп дека сериозно ги сфаќаат безбедносните прашања, во обид да ја смират заканата од американско преземање.
Иако потезите на трите најголеми и најмоќни европски економии не претставуваат масовно присуство што може да се опише како распоредување сили, намерата - додека внимателно одмеруваат како да му се спротивстават на Трамп без да го испровоцираат – е да покажат дека можат да застанат зад сојузник што е под притисок.
Геополитичкото значење на Гренланд
Неговата локација и минералните резерви ја ставија данската територија во фокусот на Трамп
Bloomberg
„Потребно е да се направи повеќе на Арктикот“, им изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен на новинарите по разговорите во средата. „Сега се чини дека тоа и се случува.“
„Но, во реалноста, сè уште чекаме посилна посветеност од САД, што претставува одреден парадокс“, додаде Расмусен.
За Данска и Гренланд, средбата со Венс и Рубио беше обид да се убеди американската администрација дека нема потреба од преземање на арктичкиот остров – полуавтономна територија во рамките на Кралството Данска – како што претседателот Доналд Трамп повеќепати се закануваше. Данските медиуми ја оценија средбата како еден од најодлучувачките моменти за Кралството од Втората светска војна наваму.
Според Данска, официјалните претставници се согласиле да формираат работна група, која треба да се состане во наредните недели и да утврди што понатаму, но САД не се повлекле од своите барања.
Bloomberg
Запрашан за Гренланд за време на кратко обраќање пред новинарите во Белата куќа, Трамп изјави дека ќе биде информиран за средбата по настанот, но повтори дека „островот ни е потребен од безбедносни причини, а тоа се однесува и на Европа“, додавајќи дека „ако ние не интервенираме, ќе интервенира Русија, а потоа и Кина“.
„Не можам да се потпрам на тоа дека Данска ќе може сама да се одбрани“, рече Трамп.
Данска, пак, тврди дека сеопфатниот одбранбен договор од 1951 година веќе им овозможува на САД да ја користат територијата за одбранбени цели според потребите, што, според Копенхаген, го прави секое преземање излишно. Токму на таа основа Данска се обиде да ги убеди САД, но без успех.
„Блумберг“ во неделата објави дека Германија планира да предложи воспоставување заедничка мисија на НАТО за надзор и заштита на безбедносните интереси во арктичкиот регион.
„Нашите сојузници во Европа се подготвени“, изјави Расмусен. „Неколку од нашите најблиски партнери во НАТО, заедно со Данска, веднаш преземаат одговорност за воспоставување посилно присуство во Гренланд.“