Во интерен руски документ што го разгледал „Блумберг“ се наведува дека Кремљ изнел предлози со кои Русија повторно би го прифатила доларот како дел од широко економско партнерство со администрацијата на Трамп.
Во меморандумот, кој е изработен годинава, се прецизираат седум точки во кои, според Кремљ, руските и американските економски интереси би можеле да се усогласат по постигнување договор за завршување на војната во Украина. Во документот се предвидува двете земји заеднички да ги промовираат фосилните горива наспроти позелените алтернативи, како и заеднички инвестиции во природен гас, нафта од офшор наоѓалишта и критични суровини, со дополнителни придобивки за американските компании.
Предлогот, кој бил дистрибуиран меѓу високи руски функционери, нуди досега необјавен увид во размислувањата и тактиките на Кремљ во момент кога за потенцијалните економски договори меѓу САД и Русија се преговара како за клучен столб на секој иден мировен договор за Украина.
Прочитај повеќе
Трамп го поздравува слабиот долар. Дали тоа е можност за еврото и јуанот?
Доларот падна на најниско ниво од почетокот на 2022 година. Трамп: „Мислам дека тоа е одлично.“
29.01.2026
Доларот достигна едномесечен максимум, акциите нестабилни - берзански преглед
Доларот се искачи на едномесечен максимум и е на пат да ја оствари својата најдобра недела од ноември, додека јенот ги предводеше загубите меѓу главните конкуренти на валутниот пазар.
09.01.2026
Зеленски: Договор околу териториите е фокус на следните разговори со САД
САД ќе бидат домаќини на уште една рунда разговори следната недела за да се стави крај на војната со Русија
11.02.2026
Трамп ги укина царините од 25 отсто за Индија поради купувањето руска нафта
По договорот меѓу Трамп и Моди, Вашингтон ги олеснува тарифите за индиски производи, додека Индија се обврзува на големи купувања од САД.
07.02.2026
Русија се насочува кон Индија и Шри Ланка во потрага по работна сила
Соочена со демографскиот пад, војната во Украина и масовното иселување на работоспособното население, Русија сè почесто се потпира на работници од Азија за да го одржи функционирањето на економијата и да го ублажи хроничниот недостиг од работна сила.
07.02.2026
Воениот буџет на Путин е под голем притисок, ќе го прифати ли тоа што му се нуди?
Руските претставници се загрижени дека буџетските трошоци ќе ги надминат планираните нивоа доколку бидат потребни дополнителни средства за војната во Украина.
01.02.2026
Во срцевината на понудата е враќањето на Русија во доларскиот платен систем, потег што би значел драматичен пресврт во политиката на Кремљ и потенцијално силен потрес за глобалните финансии.
САД веќе предложиле постепено укинување на санкциите кон Русија како дел од секој мировен договор, кој е неопходен прв чекор за земјата повторно да почне да врши трансакции во долари. Но предлогот во меморандумот на Кремљ оди многу подалеку.
Досега клучна цел за Русија беше да најде алтернативи на доларот наместо да ги обнови врските со системот предводен од САД, додека претседателот Владимир Путин настојуваше да ги продлабочи односите со Кина. Токму поради тоа западни владини претставници запознаени со содржината на документот велат дека е исклучително малку веројатно Путин на крајот да прифати договор што би бил спротивен на интересите на Пекинг.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, не одговорил на барањето за коментар и не е јасно дали Русија им презентирала на САД некоја од точките во документот.
Области во кои меморандумот на Кремљ гледа усогласување на американските и руските економски интереси:
Долгорочни договори во воздухопловството за модернизација на руската флота на авиони, со можност за учество на САД во руското производство.
Заеднички проекти во нафтата и течниот природен гас, вклучувајќи офшор наоѓалишта и тешко достапни резерви, кои ги земаат предвид претходните американски инвестиции и би им овозможиле на американските компании да ги надоместат минатите загуби.
Повластени услови за враќање на американските компании на рускиот пазар за широка потрошувачка
Соработка во нуклеарната енергија, вклучувајќи проекти поврзани со вештачка интелигенција.
Враќање на Русија во доларскиот платен систем, вклучувајќи можност тој повторно да се користи и за енергетските трансакции на земјата.
Соработка во суровини како литиум, бакар, никел и платина.
Заедничко промовирање на фосилните горива како алтернатива на климатски ориентираната идеологија и решенијата со ниски емисии, кои им одат во прилог на Кина и на Европа.
Уште долго пред целосната инвазија на Украина во 2022 година, Путин работеше на намалување на зависноста на Русија од американската валута, како дел од настојувањата на конкурентските економски сили да ја оспорат финансиската хегемонија на САД. Оправданоста на тие напори стана очигледна кога САД и нивните сојузници, користејќи ја контролата врз доларските трансакции, воведоа санкции врз широки сегменти од руската економија по почетокот на војната. Оттогаш Москва се обидува да развие трговија во алтернативни валути и системи, особено со Кина и со неколку други земји, како Индија.
Bloomberg
Враќањето кон доларскиот платен систем би значело повторно потчинување на финансиската доминација на Вашингтон и поништување на напорите руската економија да стане помалку ранлива на притисокот од САД. Во исто време, тоа би ѝ донело на администрацијата на Трамп значајна победа во нејзината очигледна цел да го ослабне односот меѓу Москва и Пекинг.
И други делови од планот изгледаат осмислено да се вклопат во амбициите што Трамп ги истакнал и во други области. Идејата американските компании да добијат надомест за загубите во Русија потсетува на барањето што американскиот претседател го постави кон Венецуела. Наедно, спротивставувањето на нискојаглеродните технологии што ги фаворизираат Европа и Кина веројатно му оди во прилог на претседателот познат по своите критики за ветерните турбини.
Bloomberg
Западни претставници запознаени со меморандумот велат дека некои од предлозите изгледаат намерно обликувани за да ги продлабочат поделбите меѓу САД и европските сојузници на Украина. Други, пак, се далечни ветувања со потенцијално големи суми, кои би можеле да го намамат американскиот претседател да склучи договор, а потоа никогаш да не се реализираат, велат тие, барајќи да не бидат именувани бидејќи станува збор за интерен документ.
Тие исто така посочуваат дека е малку веројатно Кремљ да сака да се оддалечи од Кина, бидејќи Пекинг стана клучен снабдувач со компоненти и суровини за руската воена машинерија, откако западните санкции ги пресекоа другите извори.
Сепак, во меморандумот се тврди дека враќањето кон доларскиот систем би ѝ овозможило на Русија да го прошири девизниот пазар и да ја намали нестабилноста во платнобилансните текови. За САД, се наведува во документот, таквиот потег дополнително би ја зацврстил позицијата на доларот како светска резервна валута и би можел да ги намали глобалните трговски нерамнотежи преку израмнување на трошоците за енергија меѓу Кина и САД.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на почетокот на месецов изјави дека Русија и САД, паралелно со мировните разговори со Киев, разговараат и за обемни билатерални економски договори.
Информациите за понудата на Москва, која украинскиот претседател ја нарече „пакетот Дмитриев“ по преговарачот на Кремљ, Кирил Дмитриев, доаѓаат од украинските разузнавачки служби, рече Зеленски. Дмитриев наедно е и на чело на рускиот државен инвестициски фонд.