Царинските политики на Доналд Трамп досега го доживеаја најсилниот политички удар, откако Претставничкиот дом, под водство на републиканците, усвои законодавство насочено кон укинување на претседателските царини за увоз од Канада.
Гласањето во средата го зголемува политичкиот притисок да се промени насоката на клучната економска политика на Трамп, само неколку месеци пред изборите за Конгресот. Тоа вклучува и притисок врз републиканците во неопределените изборни окрузи погодени од царините да преиспитаат дали ќе му се спротивстават на претседателот со гласање против неговата агенда.
Гласањето воедно ја одразува и растечката загриженост околу економската политика на Белата куќа во пресрет на изборите, кои во голема мера ќе бидат фокусирани на прашањето за прифатливоста на цените. Демократите брзо ги нападнаа републиканците кои гласаа за задржување на царините, обвинувајќи ги дека ги штитат политиките што ги зголемуваат трошоците за живот на нивните избирачи.
Иако е речиси сигурно дека Трамп ќе стави вето на секој обид за укинување на неговите царини, таквата мерка тешко дека ќе стапи во сила. Сепак, истапувањето на шестмина републиканци од партиските редови, заедно со противењето на речиси сите демократи, ја нагласува сè понесигурната мнозинска позиција на претседателот во Претставничкиот дом.
Републиканците ќе се борат да ја задржат контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот во ноември, што дополнително се усложнува поради падот на популарноста на претседателот во анкетите поврзани со економијата и имиграцијата.
Во интерес на Трамп е да се задржи републиканското мнозинство во Конгресот, бидејќи тоа му го олеснува донесувањето закони што ги поддржува и ја штити неговата администрација од конгресни истраги.
Демократите ги надминаа очекувањата на неколку избори во последните месеци, вклучително и изборите за градоначалник на Мајами, како и за гувернери на Њу Џерси и Вирџинија. Во изминатите недели, и сигурно републиканско место во Сенатот на сојузната држава Тексас им припадна на демократите, со поместување од дури 31 процентен поен во нивна корист.
Овој развој доаѓа во момент кога Трамп, зад затворени врати, размислува за повлекување од Договорот за слободна трговија меѓу САД, Мексико и Канада (УСМЦА), трговски договор што го потпиша за време на својот прв мандат. Таков чекор дополнително би ги влошил трговските тензии во Северна Америка. Околу 80 отсто од стоката увезена од Канада ги исполнува условите од договорот и е изземена од царини.
Закана на внатрепартиските избори
На изборите во ноември ќе им претходат внатрепартиски предизбори за Претставничкиот дом и Сенатот, на кои гласачите ќе одлучуваат кои кандидати ќе ги претставуваат нивните партии. Трамп, чија поддршка има силно влијание, јасно стави до знаење дека ќе има политички последици за републиканците што ќе му се спротивстават по ова прашање.
„Секој републиканец во Претставничкиот дом или Сенатот што ќе гласа против царините ќе се соочи со сериозни последици на изборите, вклучително и на внатрепартиските“, напиша тој на социјалните мрежи. „Царините ни обезбедија економска и национална безбедност и ниту еден републиканец не смее да биде одговорен за уништување на таа предност.“
Републиканците Томас Меси од Кентаки, Дон Бејкон од Небраска, Кевин Кајли од Калифорнија, Џеф Херд од Колорадо, Ден Њухаус од Вашингтон и Брајан Фицпатрик од Пенсилванија излегоа од партиските редови и им се приклучија на демократите во поддршката на законот.
Њухаус подоцна изјави дека трговските односи меѓу Канада и сојузната држава Вашингтон се тесно испреплетени, со голем обем на извоз и увоз.
„Во мојот изборен округ има многу канадски работодавачи кои вработуваат голем број луѓе“, рече тој.
Самото одржување на гласањето во средата претставува удар за претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, близок сојузник на Трамп, кој со месеци го блокираше разгледувањето на законите поврзани со царините. Блокадата заврши во вторникот, кога тројца републиканци им се приклучија на демократите и го одбија понатамошното одложување на законот.
Џонсон изјави дека во средата се сретнал со Трамп и дека претседателот може да стави вето на законот доколку биде одобрен од Сенатот. „Тоа суштински не влијае врз планот што претседателот го зацрта“, додаде тој. „Постојат докази дека неговата трговска политика функционира.“
Bloomberg
Претседателот на Претставничкиот дом тврдеше дека забраната треба да остане на сила сѐ додека Врховниот суд на САД не донесе одлука за законитоста на глобалните царини на Трамп, кои беа воведени со повикување на вонредна состојба. Одлуката би можела да биде донесена веќе на 20 февруари.
Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, изјави: „Двата дома сега ја отфрлија неговата лажна ‘вонредна состојба’ и лажната трговска војна. Врховниот суд треба да го земе тоа предвид.“
Трамп одамна смета дека царините не се цел сами по себе, туку и средство за зајакнување на неговата преговарачка моќ при склучување трговски договори.
„Канада со години ги искористува САД во трговијата. Тие се меѓу најтешките партнери за соработка во светот, особено на нашата северна граница. Царините, без сомнение, ни даваат предност. Републиканците мора да истраат во тоа“, рече тој.
Покрај канадските царини, Сенатот под водство на републиканците гласаше и за укинување на царините на Трамп за увоз од Бразил, како и за вонредните глобални давачки.
Политички притисок
Бидејќи заедничките резолуции мора да ги потпише претседателот за да стапат во сила, или пак да бидат усвоени со надмоќно мнозинство за да се поништи ветото, малку е веројатно дека законодавците би можеле да го принудат Трамп да се откаже од своите клучни економски политики само преку законодавството.
Се очекува конгресменот Грегори Микс, демократ од Њујорк, да протурка дополнително законодавство за царините, вклучително и мерки за укинување на царините за увоз од Бразил и Мексико.
„Време е да се стави крај на таканаречената национална вонредна состојба, бидејќи единствената вистинска вонредна состојба е економската криза што ја создадоа царините на Трамп“, изјави Микс. „Американците плаќаат повеќе за здравствена грижа и основни животни потреби во услови на криза на високите цени, сѐ поради вештачки создадена вонредна состојба и егото на еден човек.“