Стејт департментот во понеделникот нареди евакуација на несуштинскиот персонал од амбасадата на САД во Бејрут, поради очекувањата дека американскиот претседателот Доналд Трамп би можел да нареди воздушни напади врз Иран, и покрај тоа што оваа недела е најавена уште една рунда дипломатски разговори.
Проценката на безбедносната состојба во регионот ја навела американската влада да го намали присуството на теренот исклучиво на неопходен персонал, изјавил висок претставник на Стејт департментот кој побарал анонимност. Амбасадата продолжува да функционира, а мерката е привремена, додал тој, без да го спомене Иран.
Американската војска во меѓувреме концентрира значителни сили на Блискиот Исток – најверојатно најголемо американско распоредување во регионот од инвазијата на Ирак во 2003 година – вклучувајќи два носачи на авиони, борбени авиони и авиони-цистерни за дополнување гориво. Трамп во петокот изјави дека „разгледува“ ограничени напади врз Иран и дека Техеран има околу две недели да постигне договор околу својата нуклеарна програма.
Прочитај повеќе
Нафтата ќе поскапи бидејќи САД и Иран се подготвени за војна
Американскиот претседател Доналд Трамп - кој нареди ограничени воени напади против земјата минатата година - сака договор за нуклеарната програма на Иран и нареди масовно воено засилување во регионот.
23.02.2026
САД се согласуваат Иран да продолжи со збогатување на ураниум
Американските функционери ја прифатија црвената линија на Иран за продолжување со збогатување на ураниум, според неофицијалната Иранска студентска новинска агенција (ИСНА), која цитираше еден од дипломатите на земјата.
21.02.2026
САД распоредуваат големи воени сили, Трамп вели дека Иран има само уште неколку дена за договор
Со два носача на авиони, борбени авиони и ракети во регионот, Трамп ја засилува заканата кон Иран, преговорите влегуваат во критична фаза.
20.02.2026
Акциите паѓаат поради геополитичките тензии
Повратот на американските акции од минатонеделните потреси околу вештачката интелигенција се истроши денеска, бидејќи тензиите со Иран ги ставија трговците во неизвесност.
19.02.2026
САД го засилуваат своето воено присуство на Блискиот Исток
Bloomberg
Американски и ирански дипломати во изминатите недели се обидуваат да постигнат нов нуклеарен договор, откако Доналд Трамп изврши притисок врз Иран да се вклучи во преговорите со закани за воена акција.
Специјалниот пратеник на претседателот, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џеред Кушнер, планираат оваа недела да отпатуваат во Женева за нова рунда разговори меѓу САД и Иран, закажана за четврток, изјави американски претставник.
Двајцата американски претставници повторно ќе се сретнат со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, кој во повеќе наврати нагласи дека постои можност за дипломатско решение, и покрај заканите на Трамп.
„Верувам дека и понатаму постои добра шанса за дипломатско решение, засновано на принципот на добивка за двете страни, и дека решението ни е на дофат“, изјави Арагчи во неделата во емисијата „Соочување со нацијата“ на Си-би-ес (CBS).
Тековните разговори се одвиваат паралелно со масовното зајакнување на американското воено присуство на Блискиот Исток, обновените предупредувања од Трамп за можни воздушни напади и новите американски визни ограничувања за ирански официјални лица, воведени поради насилното задушување на масовните домашни протести во Иран на почетокот на годината.
Токму тие протести беа првичната причина што Трамп ја наведе како оправдување за можна американска воздушна операција, но претседателот и другите функционери на администрацијата дадоа спротивставени јавни објаснувања за тоа што всушност очекуваат од нов договор со Техеран.
Дел од официјалните претставници, меѓу кои и државниот секретар Марко Рубио, се залагаат за договор што би ги опфатил и ракетната програма на Иран, задушувањето на протестите и поддршката за посреднички милитантни групи низ Блискиот Исток, вклучувајќи ги јеменските Хути и либанскиот Хезболах. Други, меѓу кои и Трамп, сметаат дека потесен нуклеарен договор би бил доволен.
Иако Трамп изјави дека Иран има од 10 до 15 дена за да прифати договор, можно е тој да отстапи од сопствениот рок, како што направи кога нареди претходна рунда американски напади во јуни 2025 година. Тогаш тврдеше дека „клучните постројки за збогатување нуклеарен материјал се целосно и тотално уништени“.
Трамп би можел во вторник да испрати нова порака до Иран за време на обраќањето до нацијата. Виткоф, во интервју за Ал-Арабија изјави дека американскиот претседател е „љубопитен“ зошто иранските официјални лица не „капитулирале“ под зголемениот американски притисок со отстапки околу нивната нуклеарна програма.
Експертите за Иран предупредуваат дека бомбардирање на земјата во текот на преговорите би можело да го наруши постигнувањето договор. Тоа, исто така, би можело да предизвика опасен круг на одмазднички дејства, при што посредничките групи би биле поттикнати да напаѓаат американски воени бази или објекти во регионот. Можно е токму стравувањата од напад од страна на Иран или Хезболах да биле причината за наредбата за делумна евакуација на амбасадата во Бејрут.