Американско-израелските напади врз Техеран во саботата означуваат пресвртница за претседателот Доналд Трамп, кој се обложува дека војна - каква што некогаш ветуваше дека нема да започне - ќе ја зацврсти неговата агенда во вториот мандат.
Отстапувајќи од своите предизборни ветувања дека ќе ги држи САД надвор од странски војни, Трамп одлучи да нападне и покрај тоа што арапските посредници зборуваа за значителен напредок во нуклеарните разговори со Техеран, и иако анкетите покажуваат дека мнозинството Американци се против нова воена акција.
Ова доаѓа помалку од два месеца откако тој нареди високоризична воена операција на САД во Венецуела, што беше уште еден сигнал дека неговиот втор мандат се движи кон поцврст, интервенционистички пристап во странство.
Прочитај повеќе
САД и Израел го нападнаа Иран – што ги очекува пазарите в понеделник?
Воената ескалација на Блискиот Исток ги става берзите, нафтата и доларот под зголемено внимание, додека инвеститорите ја започнуваат неделата со засилена неизвесност.
28.02.2026
Конфликтот на Блискиот Исток се проширува, Техеран се соочува со егзистенцијална закана
Иран возврати со ракети кон Израел, како и кон Катар, ОАЕ и Бахреин, држави што се сојузници на САД, испраќајќи порака дека поддршката за Вашингтон има цена.
28.02.2026
Што знаеме за иранската нуклеарна програма?
Иран располага со 441 килограм ураниум збогатен до 60 отсто, а по јунските напади врз иранските нуклеарни капацитети, инспекторите на МААЕ немаат увид во неговите резерви.
28.02.2026
Како нападите врз Иран го ставија Ормускиот теснец во фокусот на светската јавност
Пазарите стравуваат од сценарио во кое Ормускиот теснец станува ново жариште на енергетска криза. Низ него минуваат 16,7 милиони барели дневно, па секој ризик од затворање ги тресе пазарите.
28.02.2026
Воздушниот простор над Израел затворен за цивилни летови, посебни информации за Македонците
Сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион
28.02.2026
Нападите врз Иран се најголемиот облог досега за американскиот лидер, чиј рејтинг на одобрување нагло се намали во последните недели. Анкетите покажуваат дека Американците сметаат дека тој премногу се фокусира на надворешната политика, а премалку на економијата. Проекциите укажуваат дека Републиканците би можеле да го изгубат мнозинството во Претставничкиот дом на среднорочните избори во ноември, додека исходот во Сенатот останува понеизвесен.
Иран возвраќа на нападите на САД и Израел
Bloomberg
САД бомбардираа најмалку седум земји откако Трамп се врати на функцијата, но ниту една од тие операции не беше толку значајна како последната. Тoa го продлабочува неговиот фокус кон надворешната политика, наместо кон домашните прашања како инфлацијата и трошоците за живот. Воедно, неговата политичка судбина ја врзува уште потесно со настани што не може целосно да ги контролира.
„Многу е можно ова да е нешто што му одговара на Доналд Трамп, кој се соочува со многу проблеми дома“, изјави Пол Масгрејв, истражувач за американска надворешна политика на Универзитетот Џорџтаун во Доха, алудирајќи на тоа дека политичарите користат странски војни за да ја зајакнат поддршката дома.
„Со оглед на тоа колку пофалби доби за воениот дел од операцијата во Венецуела — што беше една од ретките позитивни работи за него во последните неколку месеци — можеби се обидува да го повтори тој ефект на поширок план.“
Војните често ги дефинираат американските претседателства на начин што лидерот во Овалната соба никогаш не го планирал. Виетнам го одбележа мандатот на Линдон Џонсон, а Ирак го дефинираше на Џорџ В. Буш. Дури и јасни победи на бојното поле не гарантираат политичко спасување. Брзата победа во Заливската војна во 1991 година не беше доволна да го спаси таткото на Буш кога гласачите повторно го ставија фокусот на економијата.
Трамп „одеднаш се чини дека го подготвува американскиот народ за подолг и покрвав конфликт“, рече Масгрејв. „Ако размислува за нешто подолготрајно, нешто што ќе го одвлече вниманието, тогаш ова на долг рок може многу лошо да заврши за него.“
Американски жртви
Пред да стапи на функција, самиот Трамп повеќепати предупредуваше дека американските претседатели би можеле да користат напади врз Иран за да спасат претседателства што тргнале во погрешна насока.
„За да биде избран, @BarackObama ќе започне војна со Иран“, напиша тој на Твитер во 2011 година. Една година подоцна тој предвиде дека Обама ќе „го нападне Иран за да биде реизбран“, а во 2013 година рече дека очекува напад од Обама за да „го спаси образот“. Подоцна истата година, тој предвиде дека „претседателот Обама ќе го нападне Иран поради неговата неспособност да преговара правилно - не вешт!“
Трамп во саботата призна дека „животите на храбрите американски херои може да бидат изгубени, а може да имаме и жртви“.
Покрај тоа, цените на нафтата , кои веќе пораснаа речиси 20 отсто оваа година, главно поради застојот меѓу САД и Иран би можеле нагло да скокнат кога финансиските пазари во Азија ќе се отворат во понеделник наутро. Тоа би значело поскапо гориво за Американците.
Потпретседателот Џеј Ди Венс, кој претходно гласно се спротивставуваше на странски војни, ја отфрли идејата дека каква било воена операција би била долготрајна. „Нема никаква шанса да бидеме во војна на Блискиот Исток со години, без крај на повидок“, изјави тој во четвртокот, пред нападите да започнат.
Сепак, има бројни воени аналитичари кои велат дека промена на режимот во Иран не може брзо да се постигне само преку воздушна операција, а можеби и воопшто не може.
Во рамки на администрацијата на Трамп, високи функционери долго време тврдат дека дипломатијата веројатно нема да биде доволна за да ги запре нуклеарните амбиции на Иран иако земјата негира дека сака да изгради оружје.
Надвор од Белата куќа, републикански „јастреби“ како сенаторот Линдзи Греам отворено повикуваат на решителна воена акција, претставувајќи ја како историска можност да се ослабнат капацитетите на Техеран и да се собори Исламската Република, противник на САД речиси 50 години.
Врз дебатата силно влијание има и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој неутрализирањето на Иран го направи централна цел на својата политичка кариера.
Откако се врати на функцијата пред 13 месеци, Трамп често дејствуваше во чекор со Нетанјаху, покрај сомнежите кај дел од неговите поддржувачи. Трамп повика на помилување во неговиот судски процес за поткуп, опишувајќи го како исклучителен воен лидер. Тоа предизвика негодување кај дел од неговите поддржувачи, откривајќи пукнатина на десницата околу Израел и можноста за војна со Иран.
„Соединетите Држави се движат кон голема војна, вистинска војна со Иран, војна за промена на режимот, најголемата војна што сме ја имале од инвазијата врз Ирак во пролетта 2003 година“, рече минатата недела, коментаторот Такер Карлсон. „И Израел го турка тоа. Ние го правиме ова по барање, по инсистирање на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.“
Некои американски сојузници исто така излегоа со сопствени ставови околу нападите. Финскиот претседател Александар Стуб, во интервју за јавниот сервис „ЈЛЕ“ (YLE) изјави дека САД „дејствуваат во голема мера надвор од традиционалното меѓународно право“.
Цената на ескалацијата не е само политичка. Иранските ракетни баражи врз Израел минатата година потрошија огромни количини пресретнувачи. Се проценува дека американските сили употребиле околу 150 ракети ТХААД само во тој конфликт, речиси една четвртина од американските залихи, според Центарот за стратешки и меѓународни студии.
Пресметката на САД и Израел можеби се променила во неделите по масовните протести што го потресоа Иран во декември и јануари. Демонстрациите претставуваа најголема закана за Исламската Република од нејзиното формирање во 1979 година и укажаа на длабоко незадоволство кај многу од жителите на земјата.
Постои можност Трамп да спроведува стратегија слична на онаа во Венецуела, обид да го обезглави системот со отстранување на врвот, додека остатокот останува на место. Облогот е дека отсекувањето на „главата“ нема да бара од САД да преземат одговорност за тоа што ќе следува.
Како и да е, соборувањето на режимот ќе биде тешко во земја од 90 милиони жители со вкоренети, добро вооружени безбедносни сили кои цврсто го контролираат секое несогласување. Иако протестите минатиот месец јасно покажаа дека владата е крајно непопуларна меѓу Иранците, тие имаат историја на обединување околу државата кога се соочуваат со непријателски дејствија од странство.
„Ова е егзистенцијален момент за раководството на Исламската Република Иран, а и безбедносната и идеолошката структура сега се подготвени за продолжена војна против САД и Израел“, изјави Ели Геранмајех, политичка соработничка во Европскиот совет за надворешни односи.
„Со тоа веднаш се отвори вратата за регионален хаос, при што Иран веќе спроведува широки одмазднички удари“, додаде таа.