Поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец нагло забави, а дел од танкерите го променија правецот или запреа по американско-израелските удари врз Иран во саботата и пораките од Техеран дека преминот е „практично затворен“. Иако нема формална одлука за блокада, пазарот веќе реагира. Цените на нафтата на вонберзанските пазари растат, а денешниот состанок на ОПЕК добива дополнителна тежина во момент кога е доведена во прашање клучна артерија на глобалната енергетика.
Станува збор за тесен морски премин што го поврзува Персискиот Залив со Индискиот Океан, кој по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток стана ново жариште на енергетската криза. Бродови пријавиле радио-пораки што ѝ се припишуваат на иранската морнарица за забрана на транзит, додека иранската агенција „Тасним“ објави дека преминот фактички е затворен и дека Револуционерната гарда предупредува дека пловидбата не е безбедна.
Последиците се видливи на мапите за следење на бродови: повеќе танкери што се движеле кон теснецот го промениле курсот, дел од пловилата чекаат на влезот, одредени танкери со течен природен гас од Катар го паузирале пловењето, а регистриран е и прв напад врз танкер крај брегот на Оман во Арапското Море.
Прочитај повеќе
Прв напад врз танкер во близина на Ормускиот Теснец од почетокот на војната
Нападот се случил крај брегот на Оман во Арапското Море, северно од пристаништето Хасаб.
01.03.2026
САД и Израел го нападнаа Иран – што ги очекува пазарите в понеделник?
Воената ескалација на Блискиот Исток ги става берзите, нафтата и доларот под зголемено внимание, додека инвеститорите ја започнуваат неделата со засилена неизвесност.
28.02.2026
Како нападите врз Иран го ставија Ормускиот теснец во фокусот на светската јавност
Пазарите стравуваат од сценарио во кое Ормускиот теснец станува ново жариште на енергетска криза. Низ него минуваат 16,7 милиони барели дневно, па секој ризик од затворање ги тресе пазарите.
28.02.2026
Нафтата благо расте, трговците ги проценуваат шансите за нуклеарен договор со Иран
Военото засилување од страна на САД на Блискиот Исток и неизвесните нуклеарни разговори со Иран ја кренаа цената на нафтата.
24.02.2026
Нафтата стагнира по растот - фокусот е на посетата на Трамп на Блискиот Исток
Цените на нафтата малку паѓаат по најавите за можен напредок во преговорите меѓу САД и Иран, додека пазарот внимателно ги следи посетата на Трамп на Блискиот Исток и претстојните извештаи на ОПЕК и ИЕА.
13.05.2025
ОПЕК+ се согласи за ново зголемување на понудата на нафта
Клучните земји предводени од Саудиска Арабија и Русија се согласија да додадат 411.000 барели дневно следниот месец.
04.05.2025
Bloomberg
Германската компанија „Хапаг-Лојд“ (Hapag-Lloyd AG) соопшти дека ги суспендира транзитите низ теснецот, повикувајќи се на „официјално затворање“, додека јапонскиот бродски гигант „Нипон Јусен“ (Nippon Yusen KK) и грчките власти ја предупредија флотата да го преиспита минувањето и да се подготви за навигација без потпирање на електронски системи, поради можни пречки во сигналите.
Сепак, целосен застој не настапи. Неколку танкери и понатаму минуваа низ теснецот, што укажува дека ситуацијата постојано се менува.
Колку е важен Ормускиот теснец за светот
Околу 16 до 17 милиони барели сурова нафта и кондензат дневно минуваат по оваа рута, приближно една петтина од глобалната поморска трговија со нафта се одвива низ овој премин, а речиси 20 отсто од светското снабдување со гас, пред сè од Катар, исто така поминува низ Ормускиот теснец.
Од северната страна се наоѓа Иран, а од јужната Обединетите Арапски Емирати и Оман. На најтесната точка широк е околу 21 милја, додека пловните коридори во секоја насока се широки само две милји. Плитките води ги прават танкерите ранливи на мини, а близината на брегот ги изложува на ризик од ракети, дронови или пресретнување со брзи патролни чамци.
Иран и претходно се закануваше со затворање на преминот, но никогаш целосно не ја реализирал таквата закана, свесен дека тоа веројатно би предизвикало силен одговор од западните морнарици, пред сè од САД.
Пазарите во состојба на нервоза
Со оглед на тоа што со нафтените фјучерси не се тргува за време на викендот, вистинската реакција на пазарот ќе биде видлива дури по отворањето на берзите во понеделник, 2 март. Сепак, одредени малопродажни трговски производи веќе сигнализираа раст. Цената на американската нафта „вест тексас“ во саботата вечерта по лондонско време беше повисока за повеќе од осум отсто.
Клучното прашање сега е колку долго би можело да трае нарушувањето. Краткотрајно ограничување на пловидбата низ Ормускиот теснец веројатно би предизвикало силен, но привремен скок на цените, без сериозен прекин на физичкото снабдување. Но, подолготрајна блокада на сообраќајот би имала далеку посериозни последици, не само за пазарот на нафта, туку и за глобалната економија, бидејќи повеќето извозници од Персискиот Залив немаат реална алтернатива за поморски транспорт на своите енергенси.
Може ли Иран навистина да го затвори Ормус
Според Конвенцијата на ОН за правото на морето, државите имаат суверенитет до 12 наутички милји од своето крајбрежје, но се обврзани да дозволат непречено минување низ меѓународните теснеци. Иран го има потпишано договорот, но никогаш не го ратификувал во парламентот, што дополнително ја усложнува правната рамка.
И без формална и целосна блокада, Техеран располага со низа инструменти со кои може да ја наруши пловидбата: од вознемирување на комерцијални бродови со брзи патролни чамци и електронско попречување на навигациските системи, до селективни напади со дронови или проектили, па дури и поставување мини, иако таков потег би носел ризик и за иранскиот поморски сообраќај.
Bloomberg
ОПЕК на потег
Организацијата и нејзините сојузници во изминатите месеци балансираа меѓу ограничување на понудата и зачувување на пазарниот удел. Евентуална физичка блокада на теснецот драматично би ја сменила пресметката:
Доколку извозот од Саудиска Арабија, Ирак, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати или Иран биде значително нарушен, пазарот би можел да влезе во фаза на акутен недостиг.
Ако нарушувањето остане краткотрајно, ОПЕК би можел да ја задржи сегашната стратегија, сметајќи дека високите цени сами ќе ги стабилизираат приходите на производителите.
За Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои формално располагаат со одреден резервен капацитет, прашање е дали воопшто би можеле да го искористат доколку на танкерите не им биде овозможен безбеден премин. Така, ОПЕК во недела не одлучува само за квоти, туку индиректно и за тоа дали пазарот ќе добие сигнал за смирување или потврда дека геополитичкиот ризик прераснува во шок од понудата.