Купувачите во САД потрошија 11,3 милијарди долари во т.н. сајбер-понеделник, што е силен показател дека големите попусти ги привлекуваат купувачите што инаку се погодени од инфлацијата.
Потрошувачката се зголеми за 5,8 отсто во однос на минатата година, што го прави најголем ден за купување од кога било, според „Адоб“ (Adobe Inc.), кој ги анализира овие податоци. „Адоб“ малку ја зголеми својата прогноза за онлајн потрошувачка за ноември и декември на база на потрошувачката, која беше поголема од очекувањата во периодот до сајбер-понеделник.
Промотивниот период од Денот на благодарноста до понеделникот, сега познат како сајбер-понеделник, не беше нималку сличен во 2021 година, кога кратењата во синџирот на испораки ги поттикнаа луѓето да купуваат порано, а трговците на мало да штедат на попусти.
Оваа година продавниците беа натрупани со купишта непродадена стока, што ги принуди да понудат остро намалени цени за да ги привлечат ловците на поволни цени што сакаат да ги надоместат поголемите трошоци за храна и горива.
„Со преголема понуда и омекнување на опкружувањето на потрошувачката, трговците оваа година направија вистинска одлука да ја поттикнат побарувачката со големи попусти. Тоа ја поттикна онлајн потрошувачката на ниво што беше поголемо од очекувањата и ја зајакна е-трговијата како главен канал за зголемување на количествата и привлекување интерес на потрошувачите“, рече Вивек Пендја, водечки аналитичар во „Адоб дигитал инсајтс“.
Попустите беа поголеми во споредба со претходната година. На пример, електрониката имаше намалување од 25 проценти, според информациите од „Адоб“, кој следи илјада милијарди посети на малопродажба преку интернет-страниците и ја следи продажбата на повеќе од 100 милиони производи.
Конфликтните економски показатели ја направија годинешната празнична сезона тешко предвидлива. Невработеноста и натаму е ниска, но каматните стапки растат, а високите цени предизвикани од инфлацијата се на прво место.
„Адоб“ не ја приспособи својата прогноза за инфлацијата, но рече дека бавната стапка на раст не е во целост предизвикана од инфлацијата, бидејќи цените на многу производи за широка потрошувачка, особено на електрониката, паднаа во однос на минатата година.
Деновите со голема распродажба, како црн петок и сајбер-понеделник, постепено го губат своето значење, бидејќи купувачите ја распоредуваат својата потрошувачка на подолг период. Потрошувачката на интернет за црн петок порасна за 2,3 проценти, на 9,12 милијарди долари, и беше подобра од очекувањата, велат од „Адоб“.
Вкупниот износ за ноември и декември заедно би требало да достигне 210,1 милијарди долари, што би било за 2,8 проценти повеќе отколку минатата година. Купувачите што се помалку загрижени поради ковид-19 се вратија во продавниците за поголем шопинг, што го намали растот на продажбата преку интернет.
Вкупната потрошувачка за црн петок, што опфаќа и онлајн и шопинг во продавниците, порасна за 12 проценти во однос на минатата година, според податоците на „Мастеркард“.
„Амазон“ (Amazon.com Inc.) се промовираше како дестинација за празнична понуда, од што профитираа независните трговци што им продаваат повеќе од половина од производите на странци. „Брендид груп“ (Branded Group), која на „Амазон“ нуди повеќе од 40 марки на производи за домаќинство, лична нега и слободно време, рече дека продажбата пораснала за 85 проценти во текот на петдневниот промотивен период, поттикната од доцниот вечерен пораст на потрошувачката. Компанијата имаше повеќе резерви отколку минатата година, па можеше да понуди повеќе, вклучувајќи и 40 проценти попуст на врвни сетови ножеви.
„Потрошувачите веројатно бараат понуда во инфлаторно опкружување, но ова е исто така добра вест за силата на потрошувачката на САД“, рече главниот директор на „Брендид груп“, Пјер Пигнант.
„Сајбер-понеделник веќе не се исплати да се чека, бидејќи поголемиот дел трговци само ја ребрендираат својата понуда за црн петок во понудата на сајбер-понеделник“, рече Кристин Мекгрет, експерт за следење на купувањето преку интернет-страницата на црн петок.
„Трговците на мало понудија поволни кујнски апарати и електроника, кои веројатно ќе бидат уште намалени по Божиќ за тие што не се брзаат. Сè што е на продажба повторно ќе биде намалено. Значи, сега мора да го купите единствено ако сакате да му го подарите некому“, рече Мекгрет.