Кој би победил во борба во кафез меѓу Илон Маск и Марк Закерберг во Лас Вегас? Ако им се верува на објавите на социјалните мрежи на технолошките шефови и милијардери, наскоро би можеле да дознаеме.
Маск, кој го купи „Твитер“ во октомври, ја поттикна идејата како одговор на плановите на „Мета“ да воведе конкурентна услуга.
Основачот на „Фејсбук“, Закерберг, десеттиот најбогат човек на светот според податоците собрани од „Блумберг“, потоа објави на Инстаграм скриншот од коментарите на Маск со натпис: „Испрати ми локација“.
Во подоцнежни твитови Маск, најбогатиот човек на светот, возврати „ако ова е реално барање, ќе го сторам тоа“. Тој го предложи октагонот на УФЦ (UFC) во Лас Вегас како место и на шега ги опиша својот типичен тренинг - фрлање на своите деца во воздух - и својата борбена техника - лежење врз луѓе во маневар што тој го нарекува „морж“.
Закерберг исто така неодамна сподели детали за својот фитнес-режим, вклучувајќи ги успехот на турнир во џиу-џицу и завршувањето на предизвикот „Мерф“, кој се состои од една милја трчање, 100 кревања на вратило, 200 склека, 300 клекнувања, дополнети со уште една милја, додека се носи елек тежок 10 килограми, сето тоа во временска рамка од 40 минути.
„Мета“ одби да коментира повеќе. „Твитер“ не одговори на барањето за коментар.