Царинската управа запленила 184 обврзници во вредност од 92 милиона долари. Турски државјанин што пристигнал со редовен лет од Истанбул на скопскиот аеродром се обидел да помине низ зелениот канал односно да не пријави дека има стока за пријавување.
„Царинските службеници од царинската испостава аеродром - Скопје на 28.7.2023 на влез во државата запленија 184 обврзници со поединечна номинална вредност од 500 илјади долари или со вкупна вредност 92 милиона долари. При контрола на скенер и дополнителна детална контрола, тие се најдени во четири папки во црна рачна торба“, рече директорот на Царинската управа, Стефан Богоев.
Секторот за контрола започнал истрага, биле спроведени службени разговори, како и консултации со државните и меѓународните институции, како што се Интерпол и СЕЛЕК. Против турскиот државјанин била поднесена кривична пријава, по што Основниот суд во Скопје донел пресуда со која биле одземени обврзниците, а на лицето му била изречена парична глоба врз основа на Законот за девизно работење.
Запленетите обврзници ќе ѝ бидат предадени на Агенцијата за одземен имот. Од Царинската управа информираа дека истрагата ќе продолжи со отворање финансиска истрага за расветлување на случајот, во насока на докажување евентуален обид за измама и перење пари. Во глобални рамки постои тренд на злоупотреба на обврзници како инструмент за перење пари.