Клаудија Голдин е третата жена што ја доби Нобеловата меморијална награда за економија. Оваа американска професорка е наградена за нејзиното истражување што ги објаснува разликите во платите меѓу мажите и жените.
Голдин ќе добие награда од 11 милиони круни (околу еден милион долари), објави во понеделникот Шведската кралска академија на науките во Стокхолм.
„Разбирањето на улогата на жените на пазарот на трудот е важно за општеството“, рече Јакоб Свенсон, претседател на Комитетот за Нобеловата меморијална награда за економски науки. „Благодарение на револуционерното истражување на Клаудија Голдин, сега знаеме многу повеќе за основните фактори и бариери што треба да се решат во иднина.
Роденa во Њујорк во 1946 година, Голдин е професорка на „Харвард“, која во своето истражување користела податоци стари повеќе од 200 години за да покаже дека разликата во платите меѓу мажите и жените историски може да се објасни со разликите во образованието и изборот на занимање. Меѓутоа, сега разликата главно се појавува меѓу мажите и жените во исто занимање, особено по раѓањето на првото дете.
Тоа разбирање дава основа за креаторите на политиките низ светот да преземат различни активности за да се справат со ситуацијата, рече Ранди Хјалмарсон, професор по економија на Универзитетот во Гетеборг, на прес-конференција по објавувањето на наградата.
„Не можете да лекувате болест со лекови без да ги знаете нејзината причина и природа“, рече Хјалмарсон. „Тоа обезбеди основа што има различни политички импликации во различни земји и контексти во светот.
Минатогодишни лауреати беа Бен Шалом Бернанке, Даглас Ворен Дајмонд и Филип Хален Дибвиг за истражување на банките и финансиските кризи. Меѓу претходните добитници на оваа меморијална награда се Пол Кругман, Џозеф Стиглиц, Милтон Фридман и Роберт Џејмс Шилер.
Вкупно три жени ја добиле Нобеловата меморијална награда за економски науки, вклучувајќи ги Елинор Остром во 2009 година и Естер Дуфло во 2019 година. Годишните награди за достигнувања во физиката, хемијата, медицината, литературата и мирот беа утврдени во тестаментот на Алфред Нобел, шведскиот пронаоѓач на динамит, кој почина во 1896 година.
Меморијалната награда за економски науки беше додадена во 1968 година од страна на Шведската централна банка и беше официјално именувана „Sveriges riksbanks pris i ekonomics vetespanka till Alfred Nobels minne“.