На вработените во рударската компанија на милијардерот Крис Елисон веќе им е забрането да работат од дома, а сега може да биде укината и паузата за кафе. „Сакам да ги држам затворени цел ден“, рече Елисон, извршен директор на „Минерал ресорсес“ (Mineral Resources Ltd).
„Не сакам да ја напуштат зградата, па не сакам ни да се шетаат за шолја кафе. Пред неколку години сфативме колку тоа чини“, додаде тој.
Елисон се залагаше за придобивките од работењето во две години старото седиште на фирмата во Перт, кое има кафуле, ресторан, вежбалница, јасли, соба за идеи и велнес центар. 67-годишниот рударски ветеран рече дека работниците „сакаат да работат“ во зградата и дека „ги држат залепени“ таму.
„Имам политика за забрана на работа од дома“, наведува тој во транскрипт од повикот со аналитичарите по ажурирањето на заработката. „Би сакал сите останати да се вклучат во тоа, колку побрзо, толку подобро. Не можеме да имаме луѓе кои работат три дена неделно и добиваат плата за пет дена“, вели Елисон, чија политика за работа во канцеларија е исклучок во Австралија.
Таму, работата од дома стана норма за канцелариските работници. Многу компании им дозволуваат на своите вработени да работат од далечина најмалку два дена во неделата, а многу родители ја прифатија новооткриената флексибилност.
За оние кои „жонглираат“ со зафатени распореди и деца, Елисон вели дека дневниот центар на компанијата ќе наплатува само 20 австралиски долари (13,58 американски долари) дневно, во споредба со вообичаените трошоци од околу 180 австралиски долари дневно.
„Оставете ги децата во соседната зграда“, рече тој и додаде: „Ќе ги нахраниме, но мама и тато ќе работат од канцеларија“.