Во Владата денеска беа потпишани договорите помеѓу владините министерства и единиците на локална самоуправа, поточно општините кои учествуваа во јавниот повик, ги исполнија условите и добија средства од проектот за капитални инвестиции за општините во вкупна вредност од 250 милиони евра. Согласно првиот повик кој го објави Министерството за локална самоуправа склучени се договори за 274 проекти во вкупна вредност од околу 4,1 милијарди денари (66,6 милиони евра).
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека потпишани се договори кои се темелат на шест владини одлуки, поделени на шест клучни ресори каде што овие пари ќе бидат инвестирани во изградба на проекти.
„Прво, денес се потпишуваат договори врз основа на одлука за користење на капитални донации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на образованието и науката за 2024 година за што се издвојуваат речиси 133 милиони денари (2,1 милиони евра). Со оваа одлука се опфатени општини како Гази Баба, Битола, Липково, Боговиње, Кичево и други. При тоа се однесуваат на реконструкции, изградби и модернизирање на училишта и спортски сали и унапредување на условите за образование“, информира Мицкоски.
Тој додаде дека се потпишани договори врз основа на одлука за користење на капитални донации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на транспортот за што ќе се инвестираат 2,8 милијарди денарии 800 милиони денари (45,5 милиони евра).
„Опфатени се општини како Берово, Аеродром, Битола, Брвеница, Богданци, Босилово, Бутел, Валандово, Вевчани, Велес, Врапчиште, Гази Баба, Гевгелија, Гостивар, Градско, Дебар, Делчево, Демир Капија, Дебарца, Демир Хисар, Дојран, Долнени, Ѓорче Петров, Желино, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карпош, Карбници, Крива Паланка, Крушево, Маврово и Ростуше и други. Овие проекти се инвестиции во локална патна мрежа, коловози, патеки, пристапни улици“, рече Мицкоски.
Премиерот информира дека се потпишани договори врз основа на одлука за користење на капитални донации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на Министерството за социјална политика, демографија и млади за што ќе се инвестираат околу 59 милиони денари (959.000 евра). Овие пари ќе бидат употребени за изградба на нови детски градинки во Петровец и Гази Баба.
Тој додаде дека врз основа на одлуката за користење на капитални донации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на спортот потпишани се договори во висина од 220 милиони денари (3,5 милиони евра) и тоа за изградба на центри за спорт, рекреативни паркови, и спортски сали во општини како Вевчани, Демир Хисар, Центар, Битола, Кавадарци, Чашка и други.
„Денес се потпишуваат договори врз основа на одлука за користење на капитални донации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа културата и туризмот за што се предвидени близу 200 милиони денари (3,2 милиони евра) за реставрација на културни знаменитости, туристички атракции, музеи, домови на култура во општините Гевгелија, Пехчево, Радовиш, Гази Баба“, рече Мицкоски.
Исто така, беа потпишани договори врз основа на одлуката за користење на капитални донации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа животната средина и просторното планирање за што ќе се инвестираат близу 630 милиони денари (10,2 милиони евра) за инвестиции во изградба на атмосферски и фекални канализации, колектори, нови водоводи, регулации на реки и други проекти. Со оваа одлука се опфатени општините Василево, Берово, Шуто Оризари, Пехчево, Пробиштип, Тетово, Бутел, Могила, Делчево, Врапчишта, Липково, Кисела Вода, Чаир, Арачиново, Охрид, Росоман, Чучер Сандево и други.
„Ова е наше клучно ветување до граѓаните и е доказ за нашата посветена работа за инфраструктурни инвестиции и директна поддршка на илјадници граѓани. За само три месеци овој проект станува реалност и сега почнува процесот на она што ќе придонесе за промена на тешката реалност и отсуството на поддршка на општините. Ова е историска најголема инвестиција на централната власт за локалните самоуправи и ќе продолжат јавните повици се до целосно искористување на предвидените 250 милиони евра“, рече Мицкоски.