Ги добив двете оригинални вакцини против ковид, а подоцна добив и три бустери. Последниот беше во октомври 2023 година. Имам 69 години. Дали треба да добијам уште еден бустер пред да патувам во Европа летово, прашува Џејкоб од Њујорк
Којзнае по кој пат, ковидот е во пораст во САД. И претседателот Џо Бајден го имаше. Веројатно го имаат сите оние луѓе што кашлаат силно во метрото. Летниот бран е официјално тука за да ви го загрочи одморот.
Нови вакцинации се очекуваат на почетокот на есента, вели Катрин Валас, епидемиолог на Универзитетот во Илиноис, Чикаго. Центрите за контрола и превенција на болести веќе ги препорачаа за сите постари од шест месеци и се чека конечното одобрување од Агенцијата за храна и лекови (FDA).
„Овие нови вакцини ќе бидат важни за луѓето бидејќи ќе бидат надградени во споредба со претходната верзија“, вели Валас. Вакцините се приспособени за подобро да се борат против FLiRT варијантите на вирусот, кои се чини дека го поттикнуваат сегашниот бран.
Значи, што треба да правите во моментов, кога вирусот е во пораст, а есенските бустери што ги примија многу луѓе го губат дејството?
„Со оглед на тоа што новата,ажурирана вакцина ќе биде достапна наскоро, повеќето Американци од профил со помал ризик можеби ќе сакаат да почекаат за новата“, вели Валас.
Ако сте во категорија со поголем ризик - како на пример да сте постари од 65 години, бремени или имунокомпромитирани - ЦДЦ неодамна испрати билтен во кој сугерира дека можеби вреди да се размисли за уште една вакцина сега. (Меѓутоа, ако се добие уште една сега, забележува Валас, може да се одложи подобноста за ажурираната вакцина што доаѓа наесен.)
„Нова доза од постојната вакцина може да биде добар план за лицето што го поставува ова прашање, како 69-годишник што ќе оди на меѓународно патување“, вели Валас.