Американската администрација разгледува можност да ги намали царините кон Кина под 60 проценти, а викендов ќе се одржат разговори меѓу двете земји. Доналд Трамп предлага примирје од 30 дена во војната меѓу Украина и Русија. Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат во зелено.
ЕКОНОМИЈА
САД и Кина викендов ќе преговараат за царините
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува значително намалување на царините во преговорите со Кина, односно, како прв чекор, да бидат намалени под 60 проценти од актуелните 145 проценти. Викендов во Женева ќе се одржат разговори меѓу двете страни, кои ќе ги предводат американскиот министер за финансии Скот Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг. Целта е деескалација на трговската војна, додека целосното укинување на царините е малку веројатно. Еве што изјави Трамп пред трговските преговори со Пекинг.
ПОЛИТИКА
САД предлагаат 30-дневно примирје во Украина
Трамп повика на 30-дневно примирје во војната меѓу Русија и Украина за да се отвори пат за разговори за траен мировен договор. Американскиот претседател исто така се закани дека ќе воведе дополнителни санкции ако примирјето биде прекршено.
ОПШТО
Американецот Роберт Превост нов папа
Кардиналот Роберт Франсис Превост од САД е избран за поглавар на Католичката црква на вториот ден од гласањето во Ватикан. Новиот папа е избран за време на конклавата, строго чуван процес во кој 133 кардинали се собираат во Сикстинската капела за да го изберат следниот поглавар. „Мир со вас“, ѝ порача новиот папа на собраната маса што вееше знаменца на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан. Превост е првиот папа од Соединетите Американски Држави и потенцијален мост меѓу умереното и конзервативното крило на црквата. Шеесет и деветгодишниот Превост го избра името Лав Четиринаесетти, а илјадници верници го дочекаа со овации додека излегуваше на балконот со поглед на плоштадот „Свети Петар“. Повеќе детали открива Вони Квин, новинарка на „Блумберг“.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат во зелено. Потсетуваме, европските акции и во четвртокот тргувањето го завршија претежно со добивки, откако Велика Британија и САД го потврдија трговскиот договор, а Централната банка на Англија ги намали каматните стапки.
САД
И фјучерсите на американските индекси се тргуваат во зелено, во очекување на исходот од трговските преговори меѓу САД и Кина, кои треба да се одржат за време на викендот. Пред преговорите, американскиот претседател Доналд Трамп изрази уверување дека преговорите би можеле да резултираат со опиплив напредок.
Bloomberg
Азија
И индексите во азиско-пацифичкиот регион растат пред трговските преговори меѓу двете најголеми светски економии. Така, јапонскиот индекс Topix порасна за 1,3 проценти, што е 11-ти ден по ред да бележи добивки и најдолг период на раст од октомври 2017 година. Од друга страна, индиските акции продолжија да паѓаат по ескалацијата на непријателствата со Пакистан.