Аналитичарите на „Голдман Сакс“ ја зголемија целната вредност на американските акции по смирувањето на трговските тензии меѓу Америка и Кина. Стратезите на „Голдман“ сега предвидуваат дека индексот S&P 500 ќе достигне 6.500 поени во наредните 12 месеци, во споредба со претходната прогноза од 6.200. Подобрената проекција доаѓа по вчерашниот раст на Волстрит, кој следуваше откако двете најголеми светски економии се согласија привремено да ги намалат царините, а трговците се обложија дека рецесијата во Америка може да се избегне. А еве што порачуваат и од СЦФР (Schwab Center for Financial Research).
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат мешано. Потсетуваме, европските берзи вчерашното тргување го завршија со добивки, откако Белата куќа објави дека САД и Кина се договориле за намалување на царините. Сепак, неизвесноста околу перспективите на глобалната трговија и понатаму е присутна, и покрај тоа што Вашингтон и Пекинг се договорија за 90-дневна пауза во трговската војна.
Америка
Од друга страна, фјучерсите на американските индекси утрово главно се тргуваат во минус, и покрај тоа што вчерашното тргување беше обележано со драстичен раст на акциите на Волстрит. Имено, оптимизмот околу трговските преговори меѓу Вашингтон и Пекинг доведе до тоа индексот S&P 500 вчера да порасне за 3,3 отсто. Истовремено, наглиот раст на акциите на водечките технолошки компании го врати индексот Nasdaq на патот на растот, и тоа само еден месец откако изгуби речиси 20 отсто од вредноста.
Азија
Поголемиот дел од акциите во азиско-пацифичкиот регион бележат раст, со надеж дека трговскиот договор меѓу САД и Кина ќе донесе крај на царинската војна. Така, јапонските акции предничат во растот, при што индексот Topix порасна тринаесетти ден по ред. Референтните индекси во Австралија и во Тајван исто така бележат зголемување на вредноста.
Bloomberg
ПОЛИТИКА
Дали Трамп директно ќе учествува во преговорите меѓу Русија и Украина?
Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за можноста да отпатува во Турција за да се приклучи на потенцијалните преговори за војната во Украина, меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин. Истовремено, неименувани извори тврдат дека европските лидери го чекаат токму тој состанок меѓу Зеленски и Путин за да извршат притисок врз САД да воведат нови санкции кон Москва. Потсетуваме дека по викендот полн со дипломатски активности, Зеленски изјави дека в четврток ќе отпатува за Истанбул, каде што Путин предложи директни преговори меѓу двете земји.