Американскиот претседател Доналд Трамп во посета на земјите од Персискиот Залив најави трговски договори во вредност од стотици милијарди долари. Администрацијата на претседателот размислува и за можноста за потпишување договори со Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, со кои овие земји би добиле поголем пристап до напредни чипови за вештачка интелигенција.
ПОЛИТИКА
Трамп: Саудијците ќе инвестираат трилион долари во САД
Првиот човек на САД е во посета на земјите од Персискиот Залив, каде што на својата прва станица, во Ријад, заедно со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, најави трговски договори во вредност од трилион долари. Реалната вредност на потпишаните договори, според „Блумберг“, останува спорна. Додека организаторите на инвестицискиот форум спомнуваат сума од 300 милијарди долари, Белата куќа тврди дека станува збор за 600 милијарди долари.
Емиратите купуваат милион чипови од „Енвидија“
Администрацијата на Трамп размислува и за можноста за потпишување договори со Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, со кои овие земји би добиле поголем пристап до напредни чипови за вештачка интелигенција. Во исто време американски компании како „Енвидија“, АМД и „Амазон“ планираат да инвестираат повеќе милијарди долари во проекти во регионот, вклучувајќи датацентри и вештачка интелигенција.
САД ги укинуваат санкциите кон Сирија
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во Ријад објави и дека ги укинува санкциите кон Сирија, еден ден пред планираната кратка средба со сирискиот претседател Ахмед ал-Шараа во Саудиска Арабија.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово претежно се во минус. Потсетуваме, европските берзи вчерашното тргување го завршија со благи добивки, бидејќи и понатаму постои неизвесност околу глобалните трговски изгледи.
САД
Од друга страна, фјучерсите на американските индекси бележат добивки, откако најновите податоци покажаа поголемо забавување на инфлацијата од очекуваното. Така, индексот на потрошувачки цени во април пораснал за 0,2 проценти на месечно ниво, што е трет месец по ред на инфлација со побавно темпо од очекуваното.
Азија
Акциите во азиско-пацифичкиот регион претежно се во пораст, предводени од растот на акциите во технолошкиот сектор. Во фокусот на инвеститорите неделава се деловните резултати на некои од најголемите кинески технолошки компании – како „Тенсент“ и „Алибаба“. Меѓу азиските валути, тајванскиот долар предничи со добивки.
НАФТА
Цената на нафтата го задржа поголемиот дел од четиридневниот раст, поттикната од трговското примирје меѓу САД и Кина, како и од сè поострата реторика на Трамп во однос на иранскиот извоз.
Брентот се тргуваше близу 66 долари за барел, откако во претходните четири дена порасна за речиси 10 проценти, додека ВТИ (West Texas Intermediate) беше над 63 долари. За време на посетата на Саудиска Арабија, Трамп изјави дека САД ќе извршат максимален притисок врз енергетскиот извоз на Иран доколку не се постигне договор за нуклеарната програма на таа членка на ОПЕК. Пред тоа Стејт департментот санкционира мрежа што помага во транспортот на иранската нафта кон Кина.