Нема да има одложување на воведувањето на царините по 9 јули, изјави американскиот претседател Доналд Трамп. Во американскиот Сенат беше усвоен закон за намалување на даноците и социјалната потрошувачка во вредност од 3,3 билиони долари. Законот беше усвоен со тесно мнозинство, по „златниот глас“ на потпретседателот Џеј Ди Венс. Изменетиот предлог-закон сега се враќа во Претставничкиот дом, каде што веројатно ќе се соочи со отпор од некои републиканци.
ЕКОНОМИЈА
Монетарната политика во време на голема пазарна неизвесност и геополитички превирања беше една од темите за кои се разговараше на форумот на Европската централна банка (ЕЦБ) во Синтра. Тие теми внимателно ги следат земјите низ светот, кои се обидуваат да ја задржат инфлацијата под контрола и да го поттикнат економскиот раст.
Фед: Намалување на каматните стапки е можно во јули
Претседателот на Фед, Џером Пауел, изјави дека американската централна банка досега веројатно ќе ја ублажеше монетарната политика доколку не беше царинскиот план на претседателот Доналд Трамп. Пауел додаде дека не ја исклучува можноста за намалување на каматните стапки уште овој месец.
Дали еврото ќе стане нова глобална валута?
Забрзаната апрецијација на еврото може да ги загрози напорите за задржување на инфлацијата на целните два отсто, предупредуваат претставници на Европската централна банка. Да потсетиме, еврото од почетокот на годинава зајакна за околу 14 отсто во однос на доларот, а некои претставници предупредуваат дека растот над прагот од 1,20 долари може да биде проблематичен за инфлацијата и конкурентноста. Истовремено, претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, на форумот во Синтра порача дека целта во однос на инфлацијата е постигната, но мисијата сè уште не е завршена.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат со добивки, во пресрет на објавувањето на конечните податоци за индексот PMI за еврозоната за јуни. Европските акции вчерашното тргување го завршија претежно со загуби, поради неизвесноста околу исходот од трговскиот договор со САД.
САД
Од другата страна на Атлантикот, фјучерсите на американските индекси се тргуваат во зелено, во пресрет на објавувањето на најновите податоци од пазарот на трудот. Инвеститорите внимателно го следат и развојот на трговските тензии, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не планира да ја продолжи паузата за воведување царини за повеќето земји по 9 јули.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие претежно се тргуваат во минус. Најголеми загуби бележат акциите во Јапонија, откако Трамп се закани со зголемување на царините кон таа земја поради одбивањето на увозот на ориз од САД.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...