Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе воведе поголеми царини за земјите што купуваат енергенти од Русија, а исто така појасни дека царините за увоз на полупроводници и фармацевтски производи ќе бидат најавени „веројатно во текот на наредната недела“.
Најавата доаѓа само неколку дена откако Трамп повторно го дефинираше својот царински план, со стапки на увоз од трговските партнери што се движат од 10 до 41 отсто. Неговата најнова серија закани и рокови поврзани со трговијата покажуваат дека неговата амбиција да ја преработи глобалната трговија во корист на Америка е далеку од крајот, дури и додека најновите економски податоци укажуваат дека американската економија се соочува со последици. Применувајќи различен пристап кон азиските гиганти, Трамп изјави дека ќе ги зголеми царините за Индија „многу значително“ во следните 24 часа, обвинувајќи ја нејзината набавка на руска нафта за „поттикнување на воената машинерија“.
ПОЛИТИКА
Кремљ размислува за воздушно примирје како отстапка за Трамп
Официјална Москва ја разгледува можноста за привремен прекин на воздушните напади врз Украина, со цел да го одврати американскиот претседател од воведување нови санкции кон Русија, пренесува „Блумберг“ повикувајќи се на неименувани извори. Руските официјални лица ги анализираат можните опции пред пристигнувањето на американскиот претставник Стив Виткоф во Москва неделава. Една од опциите е ограничено „воздушно примирје“, односно пауза во нападите со дронови и ракети, но само под услов Украина да се согласи да учествува во планот.
ЕКОНОМИЈА
Трамп се конфронтира со Индија, но гради мост со Кина
Покрај тоа што Трамп продолжи со трговските закани, особено нагласувајќи ги царините за увоз на полупроводници и фармацевтски производи, истовремено порача дека е „многу блиску до договор“ со Кина за продолжување на трговското примирје. Тој договор значи дека двете земји се согласиле да ги намалат реципрочните царини и да ги ублажат ограничувањата за извоз на ретки метали и одредени технологии.
БИЗНИС
„Опен еј-ај“ преговара за продажба на акции
На корпоративно ниво, „Опен еј-ај“ (OpenAI) е во рана фаза на преговори со инвеститори за потенцијална продажба на акции, со што пазарната вредност на компанијата би достигнала 500 милијарди долари. Имено, „Опен еј-ај“ ја разгледува можноста за секундарна продажба на акции што би им овозможила на сегашните и поранешните вработени да ги продадат своите удели.
„Тесла“ ја губи позицијата во Европа, БЈД доминира
Компанијата „Тесла“ (Tesla) продолжува со остар пад на продажбата во Европа, отстапувајќи ѝ значителен удел на кинеската компанија БЈД (BYD). Во Германија и во Велика Британија продажбата на „Тесла“ минатиот месец беше повеќе од преполовена во споредба со минатата година. Од друга страна, БЈД повеќе од четирикратно го зголеми бројот на регистрации во тие две земји.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат во зелено, во очекување на објавата на најновите податоци за малопродажбата во еврозоната. Потсетување, европските берзи го завршија со добивки и тргувањето во вторникот, поттикнати од корпоративните резултати, кои беа неочекувано добри, но и од оптимизмот дека Фед би можел да ги намали каматните стапки следниот месец.
САД
И фјучерсите на американските акции се тргуваат со добивки, и покрај разочарувачкиот извештај за секторот на услуги во САД. Секторот на услуги практично стагнирал во јули, бидејќи компаниите, соочени со слаба побарувачка и растечки трошоци, го намалиле бројот на вработени. Податоците од минатата недела покажаа неочекувано слаб раст на вработеноста, додека личната потрошувачка приспособена на инфлацијата речиси не пораснала.
Азија
Акциите во азиско-пацифичкиот регион претежно пораснаа, по шпекулациите дека јапонските автомобилски компании би можеле да обезбедат пониски царини во преговорите со САД. Така, индексот MSCI порасна за 0,4 отсто, додека јапонскиот индекс Topix скокна за еден отсто. Истовремено, одредени акции на азиски производители на чипови и фармацевтски компании паднаа, откако Трамп најави дека за една недела ќе воведе царини за тие сектори.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...