Во текот на ноќта, обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на Зајашка река на улица „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Извршена е евакуација на околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“, информираа од Центарот за управување со кризи.
„Регистрирано е и заезерување на улица „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево“, наведуваат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека на терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби и дека се известени градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување.
„Во 10:00 часот раководителот на РЦУК – Кичево одржа состанок во Општина Кичево, по што беше организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош“, информираат од ЦУК.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.
Во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани во Скопскиот регион Пријавени се поплавени дворни места во село Идризово (Општина Гази Баба), поплавувања во село Буковиќ (Општина Сарај), поплавено дворно место и подрум во село Зелениково (Општина Зелениково) и поплавено дворно место во населба Радишани (Општина Бутел).
„Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците“, наведуваат од ЦУК.
Во Тетовски регион преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата.
„Од 07:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Во однос на водостојот, засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање“, информираат од ЦУК.
Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.