Премиерот Димитар Ковачевски ги осуди нападите врз полицијата истакнувајќи дека иако протестите се демократско право, насилството не може да се оправда со ништо.
„Тоа што синоќа се случи пред Собранието не е вистинското лице на европска Република Северна Македонија, земја членка на НАТО. Протестите се демократско право на секој граѓанин, но насилството не може да се оправда со ништо. Најостро го осудувам нападот врз полицијата која синоќа беше на висина на својата задача, професионално штитејќи ги граѓаните и државните институции, напиша премиерот Ковачевски на „Фејсбук“.
Насилството и омразата не се, и не може да бидат решение на ниту еден проблем, додаде тој. На, како што пишува, „потпалувачите на протестите ќе им порачам – не манипулирајте и не злоупотребувајте млади луѓе за да ги задоволите вашите политички апетити“.
„Вашето сценарио синоќа резултираше со над 40 повредени полицајци и над десетина приведени. 27 април нема да се повтори, напиша Ковачевски
МВР соопшти дека во синоќешниот протест се повредени 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди. На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.
Во врска со немирите кои, како што наведуваат од МВР, ескалираа пред објектот на Собранието, приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.
Протестот се одржа во периодот од 19:00 часот пред Владата, продолжи пред Министерството за надворешни работи и заврши пред Собранието околу 22:30 часот.
Како што соопшти МВР, констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции.
За време на вечерашниот протест оштетувања на прозорците и фасадите се пријавени во сите три објекти: Владата, МНР и Собранието на Република Северна Македонија. Покрај ова, демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.
Во врска со немирите кои ескалираа пред објектот на Собранието на Република Северна Македонија, од страна на полициските службеници приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.
Вчера во Македонија беше Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој оствари одвоени средби со државниот врв.
На средбата со претседателот, Стево Пендаровски, двајцата соговорници се согласиле дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ интеграцијата на Северна Македонија.
На состанокот меѓу претседателот на Европскиот совет и премиерот, Димитар Ковачевски, било констатирано дека европскиот предлог за отпочнување на преговорите за Северна Македонија ги вклучува сите македонски позиции и забелешки.
Предлогот предвидува чист македонски јазик, еднаков со останатите јазици на земјите членки на ЕУ, потенцирале двајцата соговорници.
Сепак околу предлогот неколку денови се одржуваат протести во Скопје под мотото Ултиматум, Не Благодарам. Истакнати личности, уметници, новинари, политичари зборуваат пред насобраните граѓани со барање да се отфрли предлогот и како што велат, и да се зачува македонскиот идентитет.