Во вториот круг од локалните избори ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Денеска ќе се гласа и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1 013 375 граѓани.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот. Изборите ќе ги следат 1 598 набљудувачи, од кои 933 странски и 651 меѓународен.
Во првиот изборен круг одржани на 19 октомври беа избрани градоначалници во 44 општини.
Од Државната изборна комисија велат дека се е подготвено за изборниот ден.
Во четирите општини Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше каде што не беше постигнат цензус на првиот изборен круг одржан на 19 октомври, ќе има повторување на изборната постапка за избор на градоначалник 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори
Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), за вториот круг од гласањето пријавени беа 4.826 болни и изнемоштени лица кои гласаа вчера, а своето право на глас го искористиле 3 327 гласачи.
Според ДИК, гласањето за сите овие категории гласачи се одвивало непречено и без никакви проблеми и недоследности.
Во вториот круг од локалните избори од вкупно 33 општини каде ќе се гласа, само три жени се кандидати за градоначалничка функција.
Во првиот круг на локалните избори 2025 беше избрана само една за градоначалничка која ќе ја води општина Кисела Вода.
Од вкупно 44 избрани градоначалници во првиот круг, тоа претставува 2.2 проценти родова застапеност.
На овие избори се натпреваруваа вкупно 309 кандидати за градоначалници, од кои само 32 беа жени, што е 10.35 проценти од вкупниот број.
Најмногу кандидатки – три – имаше во Прилеп, додека по две се натпреваруваа во Битола, Велес, Карпош, Кисела Вода, Неготино и Центар.
Во 16 општини и Градот Скопје имаше само по една жена кандидат.
Во голем дел од општините жените воопшто не беа присутни на гласачките ливчиња.