text size
Последната деценија беше одбележана со значителни промени во глобалното макроекономско опкружување - од периодот на ниски каматни стапки, пандемијата на ковид-19 и наглиот пораст на јавниот долг, па сè до инфлаторниот шок и заострувањето на монетарната политика од 2022 година наваму. Иако овие случувања влијаеја врз јавните финансии и условите за државно задолжување, нивното влијание врз расходите за камати варираше во земјите од регионот Адрија. И покрај зголемувањето на јавниот долг за време на пандемијата, во Хрватска и Словенија расходите за камати во однос на БДП се намалија за два процентни поени во периодот од 2015 до 2025 година. Спротивно на тоа, Македонија забележа зголемување на товарот од каматите, додека Србија и Босна и Херцеговина, на крајот од набљудуваниот период, евидентираа пониски расходи за камати во споредба со 2015 година. Овие трендови го отвораат прашањето во која мера расходите за камати се определени од апсолутниот износ на јавниот долг, наспроти фактори како што се кредитните рејтинзи, структурата на долгот и промените во пазарните каматни стапки.