Оваа година ќе биде една од најзначајните за бизнисот на „Мајкрософт“ и неговиот развоен центар во Србија уште од почетокот на нивната работа, бидејќи во годината на двојниот јубилеј сите српски вработени во оваа американска компанија ќе бидат под еден покрив во новата кула на деловниот центар „Ушче“ во Нов Белград.
Колку и да е симболичен, овој настан ќе биде кулминација на значителното проширување што започна во 2021 година, кога почна и поинтензивното вработување странски инженери, било за работа во Србија или од својата матична земја. Во таа година,и првиот човек на развојниот центар на „Мајкрософт“, Драган Томиќ, ја доби титулата потпретседател за инженеринг (VP of Engineering) како единствен таков потпретседател од Лондон до Ерусалим.
„Мајкрософт“ влегува во 2023 година со околу 700 вработени и одбележува 20 години работа во Србија, како и 18 години од основањето на развојниот центар на „Мајкрософт“. Драган Томиќ стана дел од „Мајкрософт“ во 1998 година, прво во „Редмонд“, Вашингтон, а во 2007 година му се приклучи на тимот во Белград. Тогаш беше основан тимот за SQL (најшироко користен структуриран јазик на пребарување за работа со бази на податоци), составен само од неколку луѓе, кој до денес прерасна во тим на Azure Data, најголемиот тим во развојниот центар на „Мајкрософт“, а наедно и најважниот тим за Azure Data на таа компанија во Европа. Освен него, во Србија има и тимови за Office, Office Media Group, Mixed Reality, WebXT, Havok и Math, како и ProActive - тим професионалци што ги поддржуваат неинженерските операции на тој значаен ИТ-центар на „Мајкрософт“.