Хрватскиот научник и молекуларен биолог Игор Штагљар во септември 2022 година беше избран за редовен член на Канадската академија на науките и уметностите (CASA), со што стана единствениот Хрват во тоа угледно друштво.
„Најголемата награда за еден научник е кога го фалат другите, а не кога тој самиот се фали колку е добар. И еве сум - тука сум и уживам, затоа што тоа е навистина голема чест и признание, не само за мене лично туку и за мојата лабораторија. Тоа е знак дека навистина правите добра наука и дека правите нешто за подобрување на ова општество како целина, не само на општеството туку и на светот“, рече тој во таа пригода.
Во борбата против пандемијата на ковид-19, неговата лабораторија во голема мера придонесе за развој на серолошки тестови и за подготовка на прототипови од лекови против варијантата B.1.1.529, односно т.н. омикрон. Тој се истакна и во истражувањето на ракот на белите дробови, панкреасот, дебелото црево и дојката.
Тој се занимава со интерактивна протеомика, односно идентификација и одредување на функцијата на сите протеини во организмот, и го истражува одржувањето на стабилноста на геномот.
Светското признание го стекна со воведувањето на технологијата на двомембрански систем кај квасецот, која овозможува следење на интеракциите помеѓу мембранските протеини, што е значајно, бидејќи тие сочинуваат една третина од вкупниот број на протеини и половина од протеините против кои се произведуваат лековите.