Јакша Вучичевиќ е истражувач на Институтот за физика во Белград, ѝ припаѓа на помладата генерација и минатата година доби стипендија од Европскиот истражувачки совет (ERC) од 1,5 милион евра, што е трета ваква стипендија во историјата на српската наука. Финансиските средства му беа одобрени за истражувања што може да внесат тектонски промени во испитувањето на т.н. високотемпературни суперпроводници и други отворени прашања на модерната физика.
ERC е најелитната и најскапа образовна програма во европскиот систем за финансирање на науката и им се доделува на истражувачи што успеваат да докажат дека имаат идеја, метод или резултати што навистина би можеле да го променат текот на модерната наука. Неа ја добиле водечки светски научници во разни сектори, меѓу кои и голем број лауреати на Нобеловата награда.
Јакша Вучичевиќ докторирал физика на Универзитетот во Белград, а своето истражување го продолжил во Франција. Пред шест години се врати во Србија, каде што во Институтот за физика се занимава со проучување комплексни системи. Тој објавува трудови со забележителни резултати во водечки научни списанија.
Вучичевиќ вели дека неговите трудови се обидуваат да фрлат светлина врз структурните својства на материјалите што ја одредуваат таканаречената критична температура за суперспроводливост. Таквите пресметки на одговорот на материјалот се многу тешки, не можат да се решат со аналитички метод, а до неодамна се сметаше дека е практично невозможно да се решат дури и нумерички (со помош на компјутерска симулација). Меѓутоа Вучичевиќ разви нов метод, кој ги комбинира и аналитичкиот и нумеричкиот пристап и со чија помош може да се одговори на прашањата што долго време ги мачат физичарите низ светот.