Српскиот МВП на американската НБА.
Српскиот кошаркар роден во 1995 година игра во животна форма во новата сезона од најсилната лига на светот. Тимот на Денвер нагетс, во кој Никола Јокиќ игра на центарската позиција, ја заврши 2022 година на првото место во Западната конференција на НБА-лигата. Во текот на сезоната 2022-2023, Јокиќ е на прагот на просечен трипл-дабл (двоцифрен број на кошови, скокови и асистенции), со 25,7 коша, 10,8 скока и 9,4 асистенции по натпревар. Во својата осма сезона, Јокиќ има просек од 33,6 минути по натпревар, со ефект од седум трипл-дабл и 23 дабл-дабл. Заедно со својот словенечки колега Лука Дончиќ, кој на крајот на минатата година влезе во историјата на НБА со рекорден трипл-дабл од 60 поени, 21 скок и 10 асистенции, го предводи регионот во најсилната кошаркарска лига во светот.
Минатата година Јокиќ вторпат едноподруго беше прогласен за најкорисен играч (МВП - most valuable player) за сезоната 2021-2022, во која имаше просек од 27,1 коша, 13,8 скока и 7,9 асистенции по натпревар и поминуваше по 33,5 минути. Доколку ги задржи квалитетот и континуитетот на резултатите во оваа сезона, постои можност да ја освои третата последователна МВП-титула, што би било прв таков случај од 1968 година, додека само тројца играчи во историјата на НБА го добиле ова признание во три последователни сезони.
Јокиќ, меѓутоа, не се прослави на минатогодишното Европско првенство, каде што се предвидуваше добар пласман на репрезентацијата на Србија под палката на центарот на Денвер нагетс. Србија неславно загуби во првото елиминациско коло од Италија, која целосно ја надигра во осминафиналето.
Сепак, од Јокиќ во репрезентативна смисла сѐ уште се очекува многу на Светското првенство, кое ќе се одржи годинава, од 25 август до 10 септември, во Џакарта, Индонезија, Окинава, Јапонија, и Манила, Филипини.