Поранешниот хрватски министер ја заврши евромисијата и поднесе оставка.
Еден од најголемите политички шокови во 2022 година беше заминувањето на Здравко Мариќ, хрватскиот министер за финансии и потпретседател во владата на Андреј Пленковиќ. Откако официјално беше објавено дека Хрватска во почетокот на 2023 година ќе влезе во еврозоната, Мариќ порача дека неговата мисија како прв човек на јавните финансии е завршена.
Тој ја извршуваше функцијата главен благајник на Хрватска од 2016 година, кога на таа позиција како непартиски министер го постави тогашниот премиер Тихомир Орешковиќ. Три години подоцна, тој стана потпретседател на хрватската влада.
Зад себе остави солидно завршена работа. Спроведе пет круга даночна реформа преку која го олесни товарот на платите и ја намали стапката на ДДВ за одредени дејности. Под негов мандат се случи пресврт на негативните трендови во јавните финансии, јавниот долг почна да се намалува, а буџетските финансии беа стабилни. Секако, нему му помогнаа и добрата состојба во глобалната економија и рекордно ниските камати за рефинансирање на долгот.
Добро се снајде и во пандемијата, која речиси две години ја парализираше домашната економија и предизвика сериозни проблеми во буџетот. Државата мораше да им исплаќа на претприемачите десетици милијарди куни како поддршка, но Хрватска, и покрај тоа, од европските институции доби позитивни оцени за конвергенцијата, што на крајот резултираше со влегување во Шенген и во еврозоната.
И покрај успесите, на Мариќ многумина му замерија за заминувањето во време кога државните финансии се соочуваа со многу предизвикувачки период. Иако тој самиот нема да има влијание на 2023 година, на Хрватите ќе им остане во сеќавање секогаш кога ќе плаќаат во евра.