Холивуд, „Чудни нешта“ и глобалната популарност на глумецот.
Никола Ѓуричко, родум од Белград, секако е еден од најдобрите српски глумци од средната генерација, кој во последните години гради кариера во Холивуд. На својата богата кариера во татковината, каде што одигра повеќе од 50 филмски, телевизиски и театарски улоги, од кои голем број беа и повеќе од забележителни, Ѓуричко минатата година ја додаде и светската популарност што ја заслужи со играњето во серијата „Чудни нешта“ (Stranger Things), која се прикажува на Нетфликс.
Ликот на Ѓуричко на рускиот шверцер Јури е еден од најзабележителните во четвртата сезона од серијата, а неговата глума доби голем број позитивни коментари кај пошироката публика.
Но ова не беше прва улога на Никола Ѓуричко на странски јазик - на англиски јазик тој дебитира уште во 2012 година, во филмот „Светска војна З“ (World War Z), а една година подоцна глумеше во мини-серијата „Последните пантери“ (The Last Panthers). Тој исто така имаше улога во режисерското деби на Анџелина Џоли, филмот „Во земјата на крвта и медот“ (In the Land of Blood and Honey).
Ѓуричко, говорејќи за својата ангажираност во серијата „Чудни нешта“, изјави дека нема посреќен маж од него откако за својата улога доби пофалби од Винона Рајдер и Брет Гелман, како и од познатиот писател на хорори Стивен Кинг, кој рекол дека неговиот лик треба да добие своја серија.