Пијанист што ја популаризира македонската етномузика.
Симон Трпчески е врвен македонски пијанист, кој соработува со над 100 оркестри на четири континенти, а неговиот проект „Македонисимо“, кој ја популаризира македонската етномузика, силно одекна во десетици театри низ светот.
Соло-албумот на Симон Трпчески е прогласен за една од најдобрите снимки за летото 2022 година од страна на престижниот музички магазин „Грамофон“.
„Македонисимо“, што би можело да се преведе како „многу македонски“, има цел да ги претстави музичката култура и традиција на македонскиот народ во современ музички израз. Уникатниот, препознатлив и пред сѐ безвременски македонски етноритам, Трпчески успеа да го ревитализира збогатувајќи го со благи примеси на џез. Со тоа кај публиката разбуди уште поголема љубов и копнеж кон македонскиот фолклор.
„Од дете сакав да го истражам уникатното наследство на македонската народна музика и да го претставам пред мојата публика низ светот. А сега сум среќен и возбуден што ќе можам да го направам тоа во соработка со уште четворица извонредни музичари што ја споделуваат мојата страст за македонската народна музика. Чест ни е да го претставиме овој проект."
Трпчевски со својот квинтет, во кој се и виолинистот Александар Краповски, виолончелистот Александар Сомов, кларинетистот, саксофонист и кавалџија Хидан Мамудов и тапанарот и перкусионист Влатко Нушев, го пренесе уникатниот ритам од Македонија до најоддалечените делови на светот, од Канада, преку повеќето европски земји, до Кина, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд.