Тој е менаџер од втората генерација, а со својата работа како еден од ретките во земјата докажа дека младите знаат подобро од нивните постари. Во македонската компанија со седиште во Прилеп, „Микросам“, тој е главен директор за приходи, но е еден од клучните кога станува збор за достигнувањата на оваа компанија.
„Микросам“ заедно со гигантот во авионската индустрија „ГКН Фокер“ од Холандија, успеа да направи посебна машина и да развие дел што ќе биде составен дел на идната генерација патнички авиони. Станува збор за структурен дел што е направен од термопластични композити (материјали на новата генерација). Дополнително, таканаречените floor beam во Холандија се целосно произведени на машини што не се прават никаде во светот освен во прилепската компанија. Светската авионска индустрија ќе има навистина големи придобивки од овој проект оти авионите ќе бидат со потесно тело, полесни и ќе испуштаат многу помалку штетни емисии.
Целиот тим на компанијата, најмногу инженерите, се носители на иновациите за транспорт на компресиран водород, транспорт на енергија поврзана со термопластични композити, а сега се фокусирани на идеи за производство на делови за идната генерација автобуси и камиони што ќе се возат на водород.