Тој е еден од тројцата најбогати Македонци. Компанијата со која управува веќе над две децении навистина е една од најуспешните во овој регион. Живко Мукаетов е на чело на „Алкалоид“ од 1999 година, а во 2023 година токму оваа компанија беше избрана како најдобар инвеститор во регионот од страна на Коморскиот инвестициски форум (стопански комори од шесте земји од Западен Балкан).
„Ние имаме конкурентски компании што ни се партнери во одредени проекти во Хрватска, во Босна и Херцеговина и во Србија. Инвестиравме во производство на фармацевтски производи во Србија, инвестиравме во хемиска лабораторија во Љубљана. Нашата служба за правни корпоративни работи е стационирана во Загреб, што значи дека направивме една фузија од можностите на регионот“, вели Мукаетов.
Присутна на 50 светски пазари, „Алкалоид“ е една од најдоминантните компании во регионот, а во текот на минатата 2023 година компанијата целосно се усогласи на ЕСГ-стандардите. Мукаетов е посветен визионер и клучен за неприкосновениот раст на компанијата на регионално ниво. Моментално во компанијата работат 2.800 лица, од кои 600 се надвор од земјата. Мукаетов и „Алкалоид“ се најголемите стипендисти во земјата и регионот и активни вложувачи во спортот.