Под раководство на претседателот на Управниот одбор, Марко Ременар, една од најголемите хрватски компании „Адрис груп“ почна значително да инвестира во зелена енергија. На крајот на 2023 година тие потпишаа договор со групацијата ЕНКРО (ENCRO) за заедничка инвестиција во една ветерна електроцентрала и пет соларни централи, со повеќе од 140 мегавати (MW) инсталирана моќност.
Проектите ќе се реализираат во Далмација, со тоа што производството на соларна енергија треба да започне веќе на крајот на годинава, додека ветерната централа ќе биде оперативна во 2025 година.
„Со оваа работа обезбедивме самодоволност и речиси целосно долгорочно задоволување на сопствените енергетски потреби“, рече Ременар и додаде дека снабдувањето со енергија по стабилни и предвидливи цени е од стратегиско значење за компанијата.